X
 02.06.2021 Наша тема

Учејќи се на своите гитари, Симон Карашов стана познат мајстор за инструменти во Шведска

Оживувањето на еден таков стар, заборавен инструмент е како враќање на стар пријател дома по долгогодишно патување. Од друга страна, изработката на свој инструмент е многу макотрпна, одзема време и енергија на сосема друг начин

Учејќи сам и по низа обиди и грешки, Симон Карашов, успеа да го совлада занаeтот на реставрација и изработка на музички инструменти. Охриѓанецот од 2008 година живее во шведскиот град Еребру и веќе има своја фирма за изработка, сервис и реставрација на сите видови жичени инструменти.
Почнал со своите гитари, со цел да ги доведе во состојбата која ја посакувал, а со оглед на тоа што не секогаш бил при пари за да ги носи по мајстори за инструменти тука, во Македонија, научил сам да ги прави поправките.
- Почнав сам да ги средувам моите гитари бидејќи нашиот познат мајстор за гитари, Бранко Радуловиќ, живееше во Куманово и ми беше многу далеку и, секако, не секогаш имав пари. На 14 години почнав да свирам на гитара и немав друга опција освен да се обидувам сам да ги средувам проблемите. Учев од обиди и грешки. По неколку успешни проекти почнаа да се појавуваат заинтересирани муштерии во Македонија. Оживувањето на еден таков стар, заборавен инструмент е како враќање на стар пријател дома по долгогодишно патување. Од друга страна, изработката на свој инструмент е многу макотрпна работа, одзема време и енергија на сосема друг начин - вели Симон.



Отишол на магистерски, а станал познат мајстор за инструменти

Симон има завршено факултет за англиска книжевност, а желбата да магистрира, и тоа во сосема друга насока, е причината како завршил во Шведска. Тој во 2008 година во Шведска се запишал на магистерски студии во областа на менаџментот на информатички системи, а паралелно почнал и да работи во музичка продавница како сервисер.
- Роден сум во Охрид во текстилна фамилија. Средното ветеринарно училиште и факултетот за англиска книжевност ги завршив во Скопје. Во 2008 година дојдов во Шведска на магистратура по менаџмент на информатички системи и почнав да работам во една музичка продавница, каде што веднаш го презедов сервисот на инструменти. Во 2012 г. со колегата ја откупивме продавницата во Еребру, која беше синџир од петнаесет музички продавници во Шведска, и почнавме борба со нелојалната конкуренција на интернет-продавници и големите складишта за музички инструменти во Европа. По четири години бевме принудени да ја затвориме продавницата. Професионално работам над 20 години, веќе 12 години во Шведска. По половина година откако пристигнав овде успеав да најдам работа како лутиер - вели Симон.



Домот ми е работилница и имам муштерии од повеќе земји

Откако веќе сериозно го испекол занаетот како лутиер, односно човек што е мајстор за изработка и реставрација на инструменти, Симон одлучил сам да продолжи да го работи ова и тоа во рамките на својот дом во Шведска. Тој ја оформил фирмата “Pillar Guitars” и моментално е еден од најбараните лутиери во Шведска, а има и муштерии од други европски земји. Во својот дом-работилница секојдневно ја има подршката од сопругата Драгана и нивните две деца Павле и Лоза.

- Продолжив да работам од дома и отворив фирма од еден човек, “Pillar Guitars“. Работам сервис и реставрација на секакви жичени инструменти, како и изработка на гитари. Посакувам да имам повеќе време за да можам производството да го работам поактивно. Имам муштерии од цела Шведска и од други земји во Европа, па и неколкумина исклучително лојални што ексклузивно доаѓаат до Шведска за своите гитари. На пример, еден од Шкотска, двајца од Данска итн. Немам формално образование за лутиерство, туку почнав сам, со исклучително малку ресурси и можност за набавка на материјали и алатки во Македонија. Сметам дека оваа професија е еднакво ценета, само што клиентите во Македонија имаат помала финансиска можност да покажат колку го ценат сработенето. Имам соработка со многу скандинавски лутиери, сум држел работилници за сервисирање и реставрација на гитари - додава Симон.

фото: Приватна архива

Подготвил: Никола Петровски

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема