Пијаното беше дел од нивниот дом и нивното секојдневие, а денес е инструмент на кој постигнуваат светски успеси.
Горјана и Горјан Стојановски се уште двајца Македонци, покрај
прилепчанецот Леонардо Димоски, кои успеаја да освојат високи втори места во нивната категорија на светскиот онлајн-натпревар „Persatuan Chopin Malaysia“ што неодамна се одржа во Малезија, во конкуренција од стотици кандидати од пет континенти. За натпреварот се подготвуваа цела година. Програмата на Горјана траеше 20 минути со дела на Бах, Брамс, Франк и Рахманинов, а на Горјан околу 15 мин. и вклучуваше дела на Бах, Бетовен, Шопен и Мошковски. Наградата и за двајцата претставува потврда за квалитетот и начинот на кој се развиваат како уметници.
Музиката секогаш имала предност во однос на сите други области
Ова се само дел од престижните награди на братот и сестрата музичари. Колекцијата им е е полна со награди од државни и меѓународни натпревари, па тешко е да се добројат. Горјан денес е ученик во трета година во средното музичко училиште ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ - Скопје во класата по пијано на проф. Катерина Ќетковиќ-Фидановска. Горјана има дипломирано и магистрирано на Факултетот за музички уметности - Скопје, неодамна специјализира во Talent Music Master Academy во Бреша, Италија, во класата на професор Рубен Далибалтајан, врвен пијано-мајстор од Ерменија, предавач на музичките академии во повеќе европски метрополи.
Во период кога повеќето млади сметаат дека најпросперитетна е информатиката, за овие талентирани битолчани музиката секогаш има предност во однос на сите други области.
- Иднина за музиката секако дека има. Замислете си го само светот без музика! Има причини зошто таа опстојува со векови, откако човек се освестува за себе. Тоа што им го нуди на уметниците, го нуди и секому, култивирање на мислата, наоѓањето на суптилните нијанси на нашето постоење. Што се однесува до математиката и информатиката, музиката секогаш имала предност во однос на сите други области - велат тие.
Вежбаат по шест часа на ден и се поддржуваат
На нивниот дневен распоред е шестчасовното вежбање, за кое велат дека ги одржува во кондиција и креативен погон. Тие имаат една од ретките можности како брат и сестра, кои се истакнуваат во истата професија, да се поткрепуваат меѓу себе.
- Мене брат ми ми е од навистина голема помош, со својата музичка индивидуа која ја развива, со својот став кон музиката и креативноста. Горјан ми е инспирација и секој негов чекор ми е потврда за богатството на оваа професија - вели сестрата.
Горјан, пак, додава: „Се случува некогаш да се мачам во вежбањето на некој дел од одредена композиција и Горјана многу често ми помага во разрешувањето на такви проблеми. Таа е во голема мера одговорна за моето музичко созревање.“
Тука се и родителите да помогнат. Татко им е Цветан Стојановски, првенец на Операта при МНТ, каде што беше и уметнички директор, како и поранешен прв човек на Народниот театар во Битола. Мајка им е Јасминка Стојановска, психолог.
- Нашите родители ни даваат безрезервна поддршка во она што го правиме. Татко ни е музичар и секако ни ги пренесува своите искуства, знаења и вкус, кој има влијание врз нашиот, а мајака ни е психолог и ни е огромна поддршка во справувањето со предизвиците што ги носи нашето развивање како уметници, било тоа да е учење или стабилност во чекорењето - велат обајцата.
Кога се заедно, секојдневието им е исполнето со музички настапи кои заедно ги проследуваат и дискусии за музиката. Од неодамна им го привлекоа вниманието делата на Чајковски за четирирачна изведба на пијано, па планираат заедно да ги изведат.
Нотите попривлечни од хемиските равенки
По пандемијата, Горјана планира почесто да настапува на сцена и да продолжи со педагошката дејност. Брат ѝ Горјан, пак, сака да ѝ остане верен на желбата од мали нозе за оркестарско диригирање и така да го продолжи своето дејствување во музиката, а секако не би ги изоставил пијаното и настапите како солист. Но, дали би останале во Македонија?
- Што се однесува до останувањето во Македонија, карактеристика на оваа професија е нејзината универзалност и можноста да те одведе до различни места и средини, и тоа е секако надеж и сон на секој уметник – да се дејствува на што е можно поголеми простори - велат двајцата.
Сепак, музиката не е единствениот талент во нивното семејство. Нивната баба Велика Стојановска цела Битола ја памети како врвен професор по хемија во основно училиште, која ги извади најсилните генерации со знаење по хемија во градот. Умеeше да ја предава хемијата лесно како да е приказна. Но, внуците повеќе ги привлекоа нотите отколку хемиските равенки.
- Има многу луѓе што ја паметат баба ни како навистина добар педагог, наставник по хемија и нам тоа ни причинува големо задоволство, но хемијата ни кај двајцата не беше дел од планот - велат Горјан и Горјана.
Фото: Приватна архива