Околу сто илјади луѓе протестирале во Виена поради новото работно време кое го планира австриската влада, а кое би можело да трае и до 12 часа на ден.
(
Фото: Twitter)
Сојузот на
синдикатите на Австрија успеал, и покрај почетокот на летниот распуст во училиштата, на истокот од Австрија да мобилизира огромен број луѓе кои се побуниле против намерите на владата.
Претседателот на Сојузот, Волфганг Кациан, побарал од владата да ги праша граѓаните сами да се изјаснат по ова прашање. Се работи за најголем протест од 2003 година досега, кога исто така повеќе десетици илјади луѓе протестирале против пензиските реформи.
Меѓу учесниците на протестот бил и градоначалникот на Виена, Михаел Лудвиг, како и поранешниот канцелар, лидерот на Социјалдемократската унија на Австрија – Кристијан Керн, кој протестот го оценил како одговор на граѓаните на политиката на актуелниот канцелар Себастијан Курц.
Претседателката на Работничката комора, Рената Андерл, во своето обраќање истакна дека не е време за продолжување, туку за скратување на работното време.
Претставниците на синдикатот најавија дека ќе продолжат со протестите против намерите на владата.
„Ако сакаат војна со работниците, ќе ја добијат“, порача шефот на синдикатот на вработените во дрвната индустрија, Јозеф Мухич.
И Кациан најави дека собраните наскоро пак ќе се соберат.
„Ние ќе даваме отпор со сите средства што ни се на располагање“, рече тој.
Шефот на синдикатот на вработените во поштата, Хелмут Кестингер, дури повика и на рушење на владата.
Австриската влада има намера да овозможи работно време од 12 часа, но истакнува дека се задржува законското осумчасовно работно време, односно 40-часовна работна недела, но и дека компаниите треба да добијат можност да побараат од нив да работат и по 12 часа, со паричен надоместок или слободни работни денови.