X
 02.08.2017 Култура

Зошто Европејците не се бањале редовно во средниот век?

Средновековните европски градови биле затрупани со ѓубре. Жителите ги фрлале ѓубрето, изметот и урината низ прозорците на улица, а сето тоа се мешало со калта и мирисот на свињи.

Бањите станале луксуз, а болвите, вошките и други инсекти ги преплавувале и богатите и сиромашните куќи во сите поголеми градови, како Лондон и Париз. Нехигиенските услови, болестите и гладот биле обележје на средновековна Европа.

Бањањето и личната хигиена не биле на завидно ниво, дури ни меѓу богатите слоеви од населението. „Бањањето го грее телото, но го заслабнува организмот и ги проширува порите. Бањањето може да биде опасно, да предизвика различни болести, па дури и смрт“, пишувало во еден лекарски документ од 16 век.

Во 15 и 16 век, богатите граѓани, кои дома имале кади, се бањале двапати годишно, а во 17 и 18 век одлучиле целосно да се откажат од бањањето.

Францускиот крал Луј Четиринаесетти се избањал само двапати во текот на својот живот, и тоа откако добил лекарски совет. После тоа, самиот се зарекол дека никогаш повеќе нема да го направи тоа. „Неговото височество Луј Четиринаесетти смрди како диво животно“, напишал еден руски амбасадор за францускиот крал.

Во тоа време, Европејците ги сметале Русите за перверзни затоа што се бањале еднаш месечно.

Изабела Прва, кралицата на Кастиља, признала дека се избањала двапати во својот живот, кога се родила и кога се венчала.

Англискиот крал Хенри Четврти им наредил на своите витези да се бањаат барем еднаш месечно.

Во писмото што Дон Жуан Анри Навара ѝ го испратил на својата миленичка Габриела Д`Естре, напишал: „Не бањајте се, драга моја, јас ќе ве посетам за три седмици“. Навара се избањал само трипати во својот живот, од кои двапати присилно.

Во тие времиња мажите ги миеле само рацете и ја плакнеле устата. „Никако не смее да се мие лицето затоа што може да го ослабне видот“, напишал еден лекар во 16 век.

Што се однесува до жените, тие биле малку почисти, се бањале два-три пати годишно.

Ваквиот недостиг на лична хигиена во поголемиот дел од Европа се задржал до средината на 19 век. Сепак, не сите Европејци одбивале да се бањаат. Многу историски докази покажуваат дека во некои делови од континентот луѓето се бањале секој ден, главно во јавни бањи, а во некои региони постоел обичај да се канат гости на заедничко бањање.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура