X
 13.10.2024 Живот

Кои се највисоките згради во Европа?

Терминот „облакодер“ првпат се споменува во 80-тите години на 19 век, а неговото значење оттогаш значително се променило. Додека во 19 век со овој поим се означува зграда со висина од 10 до 15 ката, во која освен станови има и деловни простории, денес поимот облакодер го поврзуваме со сите згради што се високи над 100 метри. Дали знаете која европска земја има најмногу облакодери повисоки од 100 метри или која европска земја ја има највисоката зграда во Европа?

Како што веќе споменавме, терминот „облакодер“ првпат се употребува во 19 век кога се појавува потребата за подобро искористување на парцелите, односно кога се појавила потребата за изградба на станбени единици на првиот кат. Со понатамошната урбанизација и миграцијата на руралното население во градовите, потребата од облакодери стана поголема, а животот без нив е незамислив. Облакодерите како згради не биле исклучително популарни до 70-тите години на 20 век, кога гледаме значителен пораст на овој вид градби во урбаните средини.

Европски земји со најмногу облакодери

Бројот на облакодери повисоки од 100 метри е поврзан со степенот на развиеност, па затоа токму најразвиените земји во Европа имаат најголем број облакодери. Од следнава анализа се исклучени сите земји чија територија претежно не се наоѓа на европскиот континент, односно Русија и Турција, бидејќи е тешко без подетална анализа да се утврди точно колкав број облакодери поголеми од 100 метри се наоѓаат на одреден континент.

Кога ја гледаме Европа како континент, доаѓаме до фактот дека најмногу облакодери повисоки од 100 метри има во Велика Британија, 133, а земја со најмногу облакодери повисоки од 100 метри во Европската Унија е Франција со 95. На самиот врв на листата се Германија, Шпанија и Холандија.

Највисоките згради во Европа


Во моментов во Европа има 100 облакодери кои се високи над 190 метри. Во оваа анализа се вклучени и згради кои се изградени во европскиот дел на Русија и европскиот дел на Турција, бидејќи некои од нив се со импозантна големина. Највисоката зграда на целиот европски континент беше официјално отворена во 2019 година, кога и официјално беше потврдено дека е висока 462 метри. Оваа убавица се нарекува „Лахта центар“, а се наоѓа во европскиот дел на Русија. Од второто до петтото место на листата се резервирани за зградите лоцирани во Москва, кои се високи меѓу 373 и 338 метри. Шестата највисока зграда во Европа е и највисоката зграда во Европската Унија, а тоа е кулата „Варсо“, која е висока 310 метри. Оваа прекрасна зграда е изградена во 2022 година и се наоѓа во самиот центар на полската метропола Варшава.

Во урбаните средини сè потешко е да се добие земјиште, а за максимално да се искористи просторот, се градат станбени и комерцијални облакодери.

Извор: geek.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот