Во последните неколку години, помалку од 20 отсто од американските тинејџери истакнале дека секојдневно читале книга, списание или весници за разонода, додека повеќе од 80 отсто истакнале дека секојдневно ги користат социјалните мрежи, покажува истражувањето на Американската психолошка асоцијација (АПА).
Истражувачите ги анализирале податоците од студија која годишно обработува репрезентативен примерок од околу 50.000 ученици во САД. Тие ги прегледале резултатите од истражувањата од 1976 до 2016 година, со што се опфатени повеќе од милион тинејџери.
Користењето на дигиталните медиуми значително се зголемило во периодот од 2006 до 2016 година. Меѓу матурантите користењето на интернет во текот на слободното време се дуплирало од еден на два часа дневно. Исто така, за 75 отсто се зголемило кај учениците од втора година средно и за 68 отсто кај осмоодделенците. Стапките на зголемување биле прилично еднакви по пол, расна/етничка припадност и социо-економски статус.
Падот на процентот на млади кои читаат печатени медиуми е многу голем. На почетокот на 1990-ите, 33 отсто од испитаниците од втора година средно изјавиле дека речиси секој ден читаат весници. Во 2016 година тој процент се намалил на само 2. Кон крајот на 1970-ите години, 60 отсто од матурантите изјавиле дека речиси секој ден читаат книга или списание, додека во 2016 година процентот паднал на само 16.
Истражувачите бие изненадени од резултатите бидејќи веќе и не е потребно да се оди во книжарница, туку списанијата или книгите може да се преземат и да се читаат на електронските направи. Покрај сите погодности, читањето сѐ уште опаѓа и податоците посочуваат дека еден од тројца тинејџери не прочитал ниедна книга за разонода во тек на една година.
Се поставува и прашањето колку навистина се чита задолжителната содржина како лектирите со оглед на тоа дека има интернет страници каде е напишана накратко нивната содржина.
Замислете колку им е тешко на младите читањето, на пример, на пет од 800 страници од учебник кога се навикнати поголем дел од времето да го минуваат префрлајќи се од една на друга дигитална активност во рок од неколку секунди. Тоа навистина ги нагласува предизвиците со кои се соочуваат денешните ученици. Не станува збор за недостаток или пад на интелигенцијата меѓу младите, туку за немање искуство со фокусирање во текот на подолг период и со читање на подолг текст. Способноста да се чита долг текст е клучно за разбирање на сложени идеи и развивање на способноста за критичко
размислување.