X
 02.09.2022 Живот

Зошто честопати не можеме да се сетиме што сонувавме?

Како се формираат нашите соништа е нешто што и за научниците е мистерија. Знаеме дека нашиот мозок ги конструира соништата од нашите сеќавања, како и од длабоката потсвест.

Неодамнешните сеќавања се комбинираат со информациите што сме ги собирале последните години, траумите, емоциите и чувствата и се создаваат мистериозни, понекогаш апсурдни соништа.

Навечер, нашиот ум патува на одредени места или избира одредени спомени, бои, звуци, глетки или луѓе. И додека некои луѓе често се сеќаваат на своите соништа, други имаат проблем да се сетат.

Постојат многу причини зошто не се сеќаваме на соништата, од стрес до брзо будење.

Стрес

Истражувањата покажаа дека стресот не само што ја нарушува и скратува фазата на РЕМ-спиење туку и го зголемува бројот на будења во текот на ноќта. И двете работи може да ви го отежнат сеќавањето на она што сте го сонувале.

Исхрана

Важно е да избегнувате храна која го нарушува сонот, како што се мрсни и пржени оброци, зачинети јадења, цитрусни овошја и газирани пијалаци.

Траума

Траумата е слична на стресот, но многу поинтензивна. Лесно може да доведе до несоница, но и до целосно потиснување на сеќавањето на соништата во обид што побрзо да се заборават кошмарите.

Стимуланси

Се препорачува да избегнувате кофеин, никотин, алкохол и марихуана пред спиење бидејќи тие го нарушуваат сонот. Иако се чини дека, на пример, алкохолот придонесува за побрзо заспивање, тој всушност го нарушува сонот во втората половина од ноќта, кога алкохолот се вари.

son
Фото: Freepik

Одредени лекови

Како што вели експертот за спиење Жан-Луис Жерардин, одредени лекови можат да влијаат врз циклусот на РЕМ-спиењето или да предизвикаат кошмари.

Нарушувања на сонот

Сè, од несоница до апнеа при спиење и нарколепсија може негативно да влијае врз циклусот на РЕМ-фаза.

Пребрзо будење

Според психологот и експерт за соништа Рубин Најман, пребрзото будење може да предизвика да заборавите што сте сонувале. Тој вели дека периодот на некаква замаеност, вонредна хибридна состојба во која се будите од сон, е одличен за потсетување на она што сте го сонувале.

Не обрнувате внимание

Авторот и експерт за луцидни соништа Роберт Вагонер еднаш спомена дека некои луѓе едноставно повеќе се заинтересирани за нивните соништа од другите. А ако нешто не ве интересира, нема ни да му обрнете внимание.

Извор: b92.net
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот