X
 02.09.2023 Живот

Погледот од Солунска Глава го бистри умот и го полни срцето - 20 километри дишевме слобода

Репортажава не е за искусни планинари кои веќе ја посетиле Солунска Глава, тие ги доживеале сите убавини на своја кожа, па ја посветувам на оние жедни за нови искуства, вкусови, авантури, видици... да им предизвика позитивно љубопитство

Солунска Глава е еден од највисоките врвови кај нас. Највисокиот врв е на планината Јакупица, која е дел од најголемиот македонски планински масив Мокра Планина. Потребен е барем еден викенд за да вдишеш дел од благодатите на оваа точка од Македонија.
Репортажава не е за искусни планинари, тие ги доживеале сите убавини на своја кожа, па ја посветувам на оние жедни за нови искуства, вкусови, авантури, видици... да им предизвика позитивно љубопитство.



Нашето доживување „Солунска Глава“ го почнавме од Нежилово. Паркиравме овде и со натежнати ранци се упативме прво до изворите и водопадот на реката Бабуна. Се стигнува за еден час, по супер маркирана патека. Низ густа шума, дрвени скали, потоци и извори. Потоа продолжуваме кон планинарскиот дом Чеплес. Се наоѓа на 12 километри од селото, на надморска височина од 1.450 метри доколку се оди по земјениот пат, кој е достапен и со високо возило. А има и планинарска патека од 5 километри која излегува токму во дворот на Чеплес. По неколку часа одење по колскиот, малку здодевен пат се сместивме во новиот дел на Домот. Домаќинот Љупчо Ѓоргиев нѐ пречека. Се раскомотивме, си подготвивме топол оброк, одморивме, се опуштивме во дворот опколен со бујна шума и природа. Домот е опремен со садови, услови за подготвување оброк, сѐ што е потребно за удобно преноќување. Секако, следејќи го правилото на куќата да не оставаш трага зад себе. Чеплес беше изненадувачки полн со љубители на природата и планинари. Топли луѓе. Како и легендата Буран, кој 1.312 пати ја има искачено Солунска Глава (до денес бројот е променет).



Во 22 часот светилките се гасат и домот се става на нечујно. А штом бликна светлината на денот, тргнавме да ја исполниме нашата крајна цел. Поубави временски услови не можат да се замислат, ниту да се посакаат. Утрото навестуваше бистрина и ведро небо, иако на планина неизвесноста секогаш демне. Низ висок папрат почнавме да ја следиме маркацијата. Првата етапа од патеката води низ густа букова шума. Имаме за совладување 1.000 метри надморска височина, распоредени во 7,5 километри до крајната точка. Косината на планината полека ја газиме и прва пауза е фасцинантната Долна Бабина Дупка, полна со диви малини и раскошен поглед кон Солунска Глава, плус екипа која кампуваше во полјаната со малини. Паузата ни траеше подолго од предвиденото, пред сѐ, поради малините. Тука ги обновивме и резервите со изворска вода и тргнавме да се „чекираме“ кон Горна Бабина Дупка. Полека излегуваме на сртот. Оттука целта ни се гледа јасно како ден. Ги поминуваме гребените под Солунска Глава, односно Нежиловите стени, најфасцинантниот дел од патеката, и ни остана уште една стрмнина. Застануваме да се наполниме со видици, да ги преброиме планините меѓу планините.



Следејќи ја вертикалната маркација, лесно го опкружуваме воениот објект на врвот и ја бараме котата и книгата со имиња да се внесеме во мемоарите на Солунска Глава. За погледите, хоризонтите, боите на денот не постојат епитети да ги доопишам и доближам до сликата што го фаќа совршениот објектив – окото. Допаминот е на високо ниво. Ветрот кроток и сонцето нежно ни ја раздолжија почивката на 2.540 метри. Ги наполнивме резервите со енергија. Се насладивме со планински воздух. Генериравме изобилство на витамин Д.



И со бистар ум, полет, со полн ранец восхит почнавме да се тркаламе кон дома.
Доживеавме најпродуктивна терапија. Дваесет километри со полни гради дишевме слобода.







Фото: Сања Јачевска
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот