X
 09.05.2026 Живот

Контроверзна и емотивна услуга што чини над 50 евра на час: Ги држат за рака луѓето што се на смртна постела

За Рита Бул не постои ништо поважно од држењето за рака на човек во неговите последни моменти од животот.

- Неверојатно е да се сведочи животот како го напушта овој свет - вели Бул, која повеќепати била покрај луѓе што умираат. Таа веќе три години работи во Лондон како обучена „дула за умирање“. Како немедицинска придружничка на крајот од животот, таа им дава поддршка на поединци и семејства, а волонтира и во домови за нега во рамките на Националната здравствена служба.

Таа вели дека луѓето често ја прашуваат што им е дозволено да прават додека нивните блиски умираат.

- Чувствувам вистинско олеснување кога им кажувам дека е во ред да ги држат, да ги бакнуваат, да пуштаат музика, да разговараат со нив - вели таа.

Повеќето луѓе слушнале за дули кои им помагаат на мајките за време на бременоста, породувањето и раното родителство. Но дули за умирање, кои понекогаш се нарекуваат и „придружнички на душата“, во последните десет години стануваат сè попопуларни. Ема Клер, извршна директорка на британската организација „Енд оф лајф дула“, вели дека во 2025 година на организацијата ѝ се приклучиле 114 дули, што претставува голем раст во споредба со претходните години.

Неодамна Никол Кидман и Руби Вакс објавија дека се обучуваат за дули кои ги придружуваат луѓето на крајот од животот, а познатата британска телевизиска водителка Давина Мекол вели дека и самата планира да ја помине обуката кога ќе се пензионира.

Рита Бул вели дека работи со луѓе во последните месеци и последните моменти од нивниот живот. Понекогаш тишината по нечија смрт е огромна, вели таа, но дулите можат да седат со семејството кое тагува во тие денови.

Во зависност од нивото на обука, услугата чини меѓу 25 и 45 фунти (околу 29 до 52 евра) на час, наведува Клер. Сепак, некои  ги нудат услугите и бесплатно.

Фани Беренс, која живее во Девон, првпат контактирала дула за умирање десет месеци пред нејзиниот сопруг да почине од рак.

- Сара беше неверојатна додека јас само плачев во нејзината кујна. Беше неверојатно да можам да разговарам со некој што не е семејство, што не е емотивно вклучен и едноставно е таму додека јас се распаѓам од тага - вели Беренс.

Дулата ја охрабрила да разговара со својот сопруг за тешки теми, на пример, каде сака да биде погребан и каков погреб посакува. Исто така, ѝ помогнала кога требало да се контактира погребно претпријатие и да се пријави смртта.

Поддршка во последните моменти

Иако Паркер била главно поддршка за Беренс, таа му помогнала и на нејзиниот сопруг. Таа опишува како објаснувала што се случува со телото во последните денови од животот.

- Кога сте со некој што го познава тој процес, што е практичен и сочувствителен, тоа навистина помага. Иако не ја намалува болката, ја прави поприфатлива - вели Беренс.

Кристина Хјуз, која е и дел од хуманитарна организација за пациенти со рак, вели дека поврзувањето со личноста што умира е клучно.

- Како што човек се раѓа во раце полни со љубов, се надеваме дека може и да умре на истиот начин - вели таа и раскажува за пациент кој сакал да умре во градина, па му создала „замислена градина“ со слики, мирис на лаванда и звуци од птици.

Истражувачот Меријан Кравчик вели дека грижата на крајот од животот се менува и станува сè поважна бидејќи луѓето сè почесто живеат со хронични болести. Но таа нагласува дека во Велика Британија оваа професија не е регулирана, ниту постои задолжителна обука, што отвора прашања за можни злоупотреби.

Некои сметаат дека дулите треба да бидат дел од здравствениот систем, додека други мислат дека треба да останат независни.

И покрај дилемите, експертите се согласуваат дека овие лица можат да пополнат празнини во грижата и да им помогнат на луѓето да имаат поквалитетни последни моменти, опкружени со блиските и со достоинство.

Извор: Mondo.rs
Фото: Magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот