Во далечната 1898 година, во Модена, е роден Енцо Ферари - возач, иноватор и основач на една од најпознатите автомобилски марки во светот. Неговиот живот бил обележан со страст кон брзината, огромни професионални успеси, но и лични трагедии.
Од најрана возраст бил фасциниран од автомобилите. Уште на 10 години сонувал за трки, но избувнувањето на Првата светска војна го одложило остварувањето на тој сон. За време на војната служел во италијанската војска, работел како автомеханичар, па дури и како чувар на маски.
Во 1918 година бил отпуштен од војската откако заболел од тежок облик на грип - истата болест која две години претходно ги однела животите на неговиот татко и постариот брат Алфредо. По војната кратко работел во „Фиат“.
Неговите почетоци
Според некои извори, тој бил само волонтер, додека други тврдат дека добил отказ. Како и да е, уште тогаш одлучил дека еден ден ќе го надмине својот поранешен работодавец. Слободното време го поминувал на трки, дружејќи се со најдобрите возачи во Италија. Вистинската можност ја добил во тимот на „Алфа Ромео“, каде што победил на многу на кружни трки и рели-натпревари.
Сепак, неговиот сон не бил само да вози. Тој сакал да стане застапник и продавач на „алфа ромео“, а потоа и да започне сопствено производство. Во 1923 година се оженил со Лаура Доминика Гарело, која потекнувала од имотно семејство. Нивниот брак бил бурен, обележан со аферите на Енцо и неговата целосна посветеност на работата. И покрај сè, Лаура имала важна улога во деловните одлуки и била вклучена во развојот на компанијата.
Најголемиот удар за Енцо била смртта на синот Дино во 1956 година. Дино починал на 24 години од мускулна дистрофија. Скршен од загубата, Ферари се повлекол. Секојдневно го посетувал гробот на синот, а својата канцеларија ја претворил во еден вид светилиште посветено на него. Иако бракот со Лаура траел сè до нејзината смрт во 1978 година, Енцо со години одржувал врска со Лина Ларди, вработена во неговата фабрика.
Раѓање на легендарниот симбол
Со неа во 1945 година го добил синот Пјеро, кој поради тогашните италијански закони не можел јавно да го признае сè до смртта на Лаура. И покрај светската слава, Ферари бил затворена личност. Речиси секогаш носел темни очила и избегнувал медиумско внимание, поминувајќи го поголемиот дел од животот помеѓу Модена и Маранело.
Го опишувале како силна, но и комплексна личност, човек со цврста волја, склон кон манипулација, како во работата така и во приватниот живот. Неговиот професионален подем го обележаа иновативните тркачки модели. За „Алфа Ромео“ го конструирал моделот „П1“, а по трагичната смрт на негов пријател во тој автомобил, одлучил да го подобри. Така настанал „П2“, најбрзиот автомобил на своето време.
Од разурнување на фабриката до светска слава
Ферари во 1937 година ја напуштил компанијата „Алфа Ромео“ и ја основал компанијата „Ауто авио коструциони“, која покрај автомобили, произведувала и делови за тогашната италијанска власт на Бенито Мусолини. За време на сојузничкото бомбардирање, фабриката била уништена, но по војната во Маранело била подигната нова.
Во 1947 година основал нова компанија под сопственото име, „Ферари“. Со тоа започнал златниот период на брендот кој ќе стане синоним за луксузни спортски автомобили и „Формула 1“. Енцо Ферари починал на 14 август 1988 година, во Маранело, во 90. година од животот, од леукемија.
Во согласност со неговата желба, веста за смртта била објавена дури два дена подоцна. Неговиот живот бил спој на генијалност, трагедија, амбиција и контроверзии. Но, едно е неоспорно, Енцо Ферари не произведуваше само автомобили, тој создаде мит кој трае до денес.
Извор:
Dnevno.hr
Фото:
Instagram