Една од најстарите желби на човештвото е да откриеме дали постојат и други живи суштества некаде во вселената. Иако можеби се чини невозможно, сепак, се обидуваме. А најновиот обид на НАСА вклучува техносигнатури.
Што се техносигнатурите?
Техносигнатурите се едноставен доказ за технологија. Тие се ефекти или потпис за технолошка употреба. Најочигледен пример се радиобрановите, но некои експерти ги отфрлаат бидејќи универзумот е преполн со радиобранови произведени од природни извори.
Фото: NASA
SETI беше првичната потрага по туѓи цивилизации. Но, генерално, SETI повеќе пребаруваше радиосигнали отколку сигнали испратени од други цивилизации. Ова ново истражување и барање ќе биде различно во обем. Техносигнатурите се ненамерните сигнали што обезбедуваат докази за технолошка цивилизација. Тие вклучуваат ласерски емисии, индикации за големи мегаструктури како Дајсон-сферите или, за жал, загадените атмосфери. Но, техносигнатурите можат да откријат мегаградови на други планети преку нивниот топлински потпис и откривање на сателити што орбитираат околу други планети.
Но, во секој од овие случаи техносигнатурите не би дошле веднаш до нас. За тоа ќе бидат потребни напредни техники за да се утврди дали она што истражувачите го откриваат се всушност техносигнатури.
Затоа НАСА одржа работилница на која презентерите ја истакнаа моменталната состојба на теренот за откривање на техносигнатури, најветувачките начини на истражување како и кои инвестиции можат да ја унапредат науката за нивно детектирање.
Главната цел на работилницата е да се разбере како НАСА може да ја поддржи целата област преку партнерства со приватни и филантропски партнери. Токму оваа работилница е прв чекор до обновени напори за откривање други цивилизации.
Долго време не знаевме дали другите ѕвезди имаат планети во нивните орбити или дали нашиот Сончев Систем е единствен. Но „Кеплер“ го промени сето тоа.
„Кеплер“ има откриено над 2.600 егзопланети и сѐ уште открива, а има анализирано само мал дел од небото.
Со достапните податоци не постои причина да се мисли дека егзопланетите ги нема низ галаксијата и универзумот.
Телескопите што се во фаза на проектирање и изградба ќе ни овозможат да ги проучуваме атмосферите на егзопланетите и потенцијално да откриеме жешки точки на нивните површини. Можеме дури и да го користиме транзит-методот за откривање какви било сателити што орбитираат околу друга планета. Никој не знае што би можеле да најдеме.
Има уште многу
работа што треба да се заврши. Научниците треба да одлучат кој е најдобар начин за да продолжат. Но, кога ќе започнат, ветуваат дека ќе биде возбудлив подвиг.