Можеби сметаме дека инсектите се штетници, но тие играат важна улога во одржувањето на природниот систем на светот. Тие обезбедуваат храна за многу други видови. Тие ги опрашуваат растенијата и рециклираат хранливи материи.
Токму затоа научниот извештај за популацијата на инсектите е толку загрижувачки. Повеќе од 40 отсто од популацијата на инсекти е во опаѓање.
- Трендовите потврдуваат дека шестото големо истребување длабоко влијае врз формите на живот на нашата планета - пишуваат истражувачите во нивниот заклучок.
Германски истражувачки тим во октомври 2018 година објави дека популацијата на инсекти опаднала за 77 отсто помеѓу 1989 и 2016 година. Истражувач во Порторико открил слични резултати за опаѓање во биомасата на инсекти кога ги анализирал местата на истражување, споредувајќи ги податоците од 70-тите години со она што го нашол во 2010.
Покрај падот од 40 отсто, загрозени се и третина од инсектите. Истражувачите сметаат дека овие факти заедно со заклучокот дека биомасата на инсектите се намалува за 2,5 отсто годишно може да придонесат за широко распространето изумирање на инсектите до крајот на векот.
Фото: Shutterstock
- Многу е брзо - изјави водечкиот автор и професор на Универзитетот во Сиднеј, Франциско Санчез-Бајо.
- За 10 години ќе имаме четвртина помалку, за 50 години само половина, а за 100 години воопшто нема да ги има - додава тој.
Бидејќи инсектите ја сочинуваат најобилната и најразлична група на животни во светот и обезбедуваат важни услуги во рамките на екосистемите, ваквите настани не можат да бидат игнорирани и треба да предизвикаат одлучувачки активности за да се избегне катастрофален колапс на екосистемите на природата.
За да се оцени падот на инсектите, Санчез-Бајо собрал 73 од најдобрите досегашни истражувања направени за намалувањето на популацијата на инсектите. Повеќето биле околу европското и американското население на инсекти, но Санчез вклучил истражувања и од Австралија, Кина, Бразил и цела Јужна Америка.
Според анализата, пеперутките и молците се меѓу најтешко погодените, а тука некаде се и пчелите и бубамарите. Популацијата на пеперутки опаднала за 58 отсто на земјоделско земјиште во Англија помеѓу 2000 и 2009 година.
Другите видови, како мравки, муви и штурци, тешко е да се измерат, но постои мала надеж дека кај нив работите се малку подобри.
Што се однесува до причините што стојат зад опаѓањата, научниците ги посочуваат нашите тековни земјоделски практики како едни од виновниците.
- Главната причина за падот е земјоделството. Тоа значи елиминација на сите дрвја и грмушки што нормално ги опкружуваат нивите, така што се создаваат обични, голи полиња што се третираат со синтетички ѓубрива и пестициди - вели Санчез.
Посилните инсектициди што им штетат на бубачките и почвата околу земјоделските култури не помагаат.
Онаму каде што не постојат тешки земјоделски практики, климатските промени и зголемувањето на температурите ги бришат другите популации, особено во тропските предели.
Истражувачите препорачуваат драстични промени во нашите земјоделски методи, особено сериозно намалување на употребата на пестициди и нивна замена со поодржливи, еколошки практики.
Ваквото намалување може да помогне во зачувувањето на мрежата за храна на која се потпираме.
- Заклучокот е јасен: освен ако не ги промениме нашите начини на производство на храна, инсектите како целина ќе бидат истребени за неколку децении - напишаа тие.