X
 02.10.2018 Технологија

Секторот што ветува милиони работни места

Вистинска зелена убавина - расцветани цвеќиња, диви јаготки, пеперутки што летаат од цвет на цвет и јастреби кои ги учат своите младенчиња да ловат на врвовите на ридовите.

Не станува збор за пејзаж што се наоѓа во изолирано село, туку на врвот на зграда среде Сан Франциско. Станува збор Академијата на науките во Калифорнија, која се протега на 1 хектар жив покрив со речиси 1,7 милиони растенија, инсекти и птици. Зградата е внимателно дизајнирана да биде една од најпознатите еколошки згради во светот. Соларните панели што го опкружуваат живиот покрив обезбедуваат 5 отсто од енергијата на зградата, додека водата што тече низ цевките исто така генерира енергија. Автоматските прозорци се отвораат и се затвораат за да ја регулираат температурата во внатрешноста на зградата додека природната сончева светлина се користи за колку што е можно повеќе осветлување.

Скот Морган е еден од дизајнерите на зградата и повеќе од 15 години работи на Академијата. Сега, како виш директор на експонати и архитектура, ги одржува зелените системи на зградата. Вели дека ова работно место ќе стане многу поважно во иднина.

- Станува многу појасно дека зградите треба да бидат дизајнирани и искористени на начин да заштедат колку што е можно повеќе енергија и вода. Ова бара софистицирана технологија, така што ќе има голема побарувачка за луѓе што поседуваат вештини да го реализираат ова - вели Морган.

Според извештаите на Меѓународната организација на трудот, до 2030 година ќе се создадат нови 6,5 милиони работни места за изградба на нови еколошки градби, како онаа во која работи Морган. Покрај енергијата, ќе биде вториот најбрз растечки сектор за зелени работни места во наредните децении.

Растот на овие работни места произлегува од зголемената потреба за згради што ќе можат да се справат со повеќе предизвици: исполнување тешки цели поврзани со промената на климата; зголемени трошоци за енергија, недостиг на вода и зголемен ризик од екстремни временски услови. Ова поттикнува движење познато како зелена зграда.

Тука, архитектите, инженерите и градежните фирми се обидуваат да создадат објекти што користат што е можно помалку енергија, објекти што произведуваат своја енергија, рециклираат вода и се загреваат или се ладат без потреба од климатизација или централно греење. Новите технологии помагаат да се претворат „немите“ домови и канцеларии во паметни, еколошки структури.

1
Фото: Getty Images


Во 2000 година 41 нов градежен проект биле оценети како зелени згради во САД. Минатата година оваа бројка пораснала на повеќе од 65.000. И на други места во светот имало слични зголемувања и тоа е тренд што се очекува да продолжи.

- Владите на земјите низ светот се обврзаа да го ограничат глобалното затоплување на 2 Целзиусови степени како дел од Парискиот договор. Зградите моментално генерираат околу 38 отсто од глобалните емисии на стакленички гасови поврзани со енергијата. Тоа значи дека нема да ја достигнеме целта од 2  Целзиусови степени освен ако сите наши згради не станат позелени во однос на начинот на кој се изградени и управувани - вели Тери Вилис, главен извршен директор на Светскиот совет за зелена градба.

- Градежната индустрија станува многу поинтересна поради сите решенија потребни за да му се излезе во пресрет на овој предизвик - додава Вилис.

Зградата во која се наоѓа организацијата на Вилис, лоцирана во центарот на Лондон, е пример за карактеристики што би можеле да станат стандард кај куќите и канцелариите во иднина. Многу од материјалите што се користат во зградата се рециклираат или доаѓаат од природни извори, како што е дрвото, во обид да се намалат емисиите на јаглероден диоксид, генерирани во процесот на градење.

- За сето ова ќе бидат потребни нови видови експертиза. Ќе бидат потребни инженери кои ќе знаат како да се справат со системите за обновлива енергија, архитекти кои ќе можат да произведат убави дизајни што ќе произведуваат нула емисии или ќе користат рециклирани материјали. Ќе ни бидат потребни урбанистички планери кои ќе можат ефикасно да го поврзат јавниот превоз и финансиски експерти кои ќе знаат да се справат со зелените згради - вели Вилис.

Одредени професии ќе бидат повеќе барани. Американското биро за статистика очекува раст од 105 отсто на работните места за инсталатери на соларни панели до 2026 година, со што ќе се создадат повеќе од 11.800 работни места во Америка.

Владата на Кина си постави агресивни цели како дел од својот петгодишен план, кој бара 50 отсто од сите нови урбани згради да бидат еколошки.

- Ќе биде потребно моменталните згради да се направат поотпорни на климата. Во Велика Британија ќе се создадат 20 работни места за секој 1 милион инвестиран во сегашната инфраструктура, додека во Кина ќе се создадат околу 200, а 160 во Бразил - вели Николас Маитре, економист во Меѓународната организација на трудот кој го истражува влијанието на зелената зграда врз економијата.

зелена
Фото: Getty Images


- Ќе има многу градежни работни места во секторот за вода бидејќи земјите се обидуваат да се приспособат на климатските промени. Во Аргентина, на пример, 15-годишниот национален план за вода ќе резултира со 200.000 работни места.

Оваа зголемена побарувачка за зелена експертиза во градежниот сектор значи дека многу компании веќе се обидуваат да регрутираат доволно луѓе.

- Од инженерска страна се бориме да регрутираме доволно луѓе. Во 90-тите години зелените згради беа речиси како тајно општество од околу 100 луѓе, но од 2000 наваму идејата се прошири - вели Алсидаир Мекгрегор, главен и механички инженер на „Аруп“ и водечки инженер за изградбата на зградата на Академијата на науките во Калифорнија.

- Сега постои голема побарувачка за креативни инженери кои треба да работат на вакви проекти - додава тој.

- Ќе имаме потреба од луѓе кои ќе бидат консултанти за емисии, кои ќе можат да го проценат влијанието на јаглеродниот диоксид во зградите и кои ќе помогнат за негово намалување - вели Вилис.

За да ја истакне нејзината поента, таа укажува на една визуелна зелена функција во нејзината канцеларија - ѕид прекриен со растенија кои помагаат да се исчисти воздухот во зградата. Овие живи ѕидови ги има во голем број згради низ светот.

- Имаме специјализиран персонал кој доаѓа да работи на нашиот жив ѕид. Фасцинантно е бидејќи се поставени вертикално. Како ги наводнувате растенијата што растат на вертикална површина - прашува таа.

- Ова е нешто што ќе стане карактеристика на зградите во иднина - завршува Вилис.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија