Последните осум седмици, илјадници луѓе во Обединетото Кралство беа дел од тестирање на четиридневна работна седмица. Притоа, нивната плата остана непроменета. Ова се смета за најголемата пилот-програма за четиридневна работна седмица во светот досега.
Учесниците во програмата веќе велат дека се чувствуваат посреќно, поздраво и попродуктивно, пренесува Си-ен-ен. Лиза Гилберт, менаџер во банката „Черити“, ја објаснува новата рутуна како „феноменална“.
- Сега навистина може да уживам во викендот бидејќи го имам петокот за да ги завршам обврските и другите работи и доколку сакам само да ја однесам мајка ми на прошетка, можам да го направам тоа без да се чувствувам виновно - изјавила Гилберт за Си-ен-ен.
Во рамки на пилот-програмата, вкупно 3.300 работници во 70 компании работат четири дена во седмицата во период од шест месеци. Програмата е организирана од неколку британски непрофитни организации во соработка со истражувачи од универзитетите „Кембриџ“ и „Оксфорд“ и колеџот „Бостон“.
Фото: Pixabay
Истражувачите треба да оценат како четиридневната работна седмица влијае врз продуктивноста, родовата еднаквост, околината и благосостојбата на работниците. На крајот од програмата, компаниите може да одлучат дали да продолжат да работат четири работни дена во неделата.
Иако за Гилберт, четиридневната работна недела е одлична идеја, некои учесници во програмата имале различно искуство на почетокот. Саманта Лози, менаџер во ПР-агенцијата „Јунити“, изјавила дека првите две седмици биле хаотични и таа мислела дека направила грешка.
Но, нејзиниот тим бргу се адаптирал. Сега, нејзината компанија не одржува состаноци подолги од 5 минути, а состаноците со клиентите траат најмногу 30 минути. Лози вели дека можеби ќе ја врати петдневната работна седмица доколку продуктивноста се намали до крајот на програмата.
Во периодот од 2015 до 2019, Исланд спроведе тестирање на четиридневна работна седмица на 2.500 работници во јавниот сектор. Тестирањето покажало дека немало намалување на продуктивноста, а благосостојбата на работниците драматично се зголемила.
Според анкета на 10.600 работници спроведена од софтвер-компанијата „Асана“ минатиот септември, луѓето поминуваат 58 отсто од работните часови на активности како одговарање пораки или присуствување на состаноци наместо на работните активности за кои се вработени.
Извор:
CNN
Насловна фотографија: Pixabay