X
 02.10.2020 Образование

Прв академски час на БАС. 12-годишно искуство во создавање професионални менаџери, а над 90% од завршените студенти се вработени

БАС има 12-годишно искуство во создавање професионални менаџери, а над 90% од завршените студенти се вработени

„Јас сум Оливер и сум одличен, а јас Милка и сум мајка. Јас сум Елена и сум екологист, а јас сум Давид и сум добар“. Ангел рече дека е ангел, Кире е компјутерџија, Леонардо е левак. Тие се дел од бруцошите што се запишаа на Бизнис-академијата Смилевски во Битола, а вчера дојдоа на првиот академски час. Во големата конференциска сала на Бизнис-академија Смилевски - БАС, каде што има доволно простор за потребната дистанца, почитувајќи ги сите протоколи, се запознаа со дел од професорите, па се поделија во мали групи предводени од фацилитатори. На прашањето која придавка најдобро ги опишува, а има иста почетна буква како нивното име, студентите низ шеги и опуштено ја покажаа својата креативност. Продолжија со претставување, па Наум рече дека е најубав, а Иво - интересен. На прашањето на фацилитаторот: „Што би направиле поинаку во својот живот доколку не беше пандемијата?“, студентите имаа различни одговори.
-Јас сакав да одам на одмор, но не отидов - рече Елена.
-Мене ми останаа нереализирани две планинарски експедиции - рече Оливер.
-Јас планирав да се запишам на факултет во Словенија, но еве ме на БАС - рече Сања.

Првиот академски час на БАС продолжи низ ваква интеракција, па во конференциската сала се почувствува работна атмосфера. Но, поради пандемијата, наставата на оваа високообразовна установа нема секогаш да биде со физичко присуство, туку ќе се одвива комбинирано.



- Малите групи овозможуваат низ целокупниот процес на настава студентите непосредно да комуницираат меѓу себе, решавајќи проблем, а потоа пленарно го презентираат решението. Тој стил ние го воведуваме уште на првиот академски час, студентите се поделени во групи за да се запознаат меѓу себе, почитувајќи ги правилата на тимско работење, презентирање на себеси и очекувањата што ги имаат, за да може понатаму да ги развиваат професионалните вештини. Овој стил на настава е вграден уште од основањето во 2007 година, но, сега, во зависност од околностите, одреден број средби ќе бидат со физичко присуство, а поголемиот дел на презентацијата на новата материја ќе биде согласно препораките со онлајн-комуникација со студентите, вели основачот на БАС - проф. д-р Цветко Смилевски, кој на студентите им посака добредојде.

- Добре дојдовте во новата академска заедница. Посебно го нагласувам зборот заедница во функција на нашата филозофија на успехот, а таа е дека само заедно со некого, со некои, можеме да успееме во животот. Факт е дека никој никаде не успеал сам нешто да направи - им порача Смилевски на студентите.


Проф. д-р Цветко Смилевски

85 студенти на додипломски и 42 места за постдипломски студии на БАС

Студентите на БАС имаат можност да студираат на студиската програма на прв циклус студии, насловена „бизнис-менаџмент“, која е поделена во 6 семестри, а студентите добиваат 180 кредити. Потоа имаат можност да продолжат на втор циклус студии на студиската програма по стратегиски менаџмент, со што можат да си го заокружат своето образование.

- За студентите на прв циклус студии, студиската програмa има 25 предмети, од кои 18 се задолжителни, а 7 изборни. Исто така, за студиите на втор циклус студии, 5 се задолжителни предмети, а останатите 2 се изборни. Имаме можност и за трансфер, односно студенти што запишале одредена студиска програма на други факултети и универзитети, согласно со ЕКТС да ги трансферираат оние кредити по предмети што се компатибилни со нашата студиска програма, со што се овозможува предмети кои се веќе полагани да не се полагаат повторно - вели проф. д-р Лидија Стефановска, заменик-директор на БАС.

Проф. д-р Лидија Стефановска

Согласно акредитацијата од Министерството за образование, БАС има капацитет да запише 85 студенти на додипломски студии и 42 на постдипломски студии.
- Сега сме на 80 проценти од тој капацитет, што во дадените околности сметаме дека е задоволителен број. Имаме само една студиска програма, за разлика од некои други високообразовни установи кои имаат 4-5 студиски програми, па одвај го исполнуваат тој број. Вториот циклус на студии е пополнет над 80 проценти и правиме напори до крајот на октомври тој број да го подигнеме и да дојдеме до 90 проценти на запишани студенти на постдипломски студии, што економски задоволува, а педагошки е многу поволен - вели основачот Смилевски.



БАС има 12-годишно искуство со студирање на далечина

Уште од своите почетоци во 2007 година БАС го усовршува студирањето на далечина. Сега кога некои високообразовни установи поради пандемијата се принудени да го отпочнат процесот за онлајн-настава, БАС веќе има 12-годишно искуство и одлична база на податоци, што најверојатно е причина за зголемување на бројот на запишани студенти годинава за 10 проценти.

- За студентите што живеат и работат надвор од државата, па дури и за оние што се на 50 километри надвор од Битола и Скопје, веќе подолго време го имаме далечинското студирање, а секоја година имаме по 5 до 10 студенти низ цел свет. Уште при основањето преминавме на МУДЛ системот каде што сите наши наставни материјали и продуктите на студентите се на таа база на податоци, а нашите студенти и во текот на нормалната настава пред пандемијата имаа пристап до нив и можеа да ги користат. Тоа значи дека ние имаме искуство во онлајн-наставата и тие материјали веќе беа обезбедени, за разлика од други високообразовни установи кои овој процес сега го минуваат - рече проф. д-р Цветко Смилевски.



Наставниот кадар е комплетно подготвен и веќе има искуство во спроведување на онлајн-наставата.

- Во вакви пандемиски услови БАС немаше проблем со продолжување на наставата. Со поставувањето на материјалите на МУДЛ-платформата само требаше да го замениме физичкото присуство на наставникот со едно виртуелно присуство што се реализира преку „Зум“. Во овој дел немаше потреба од некои обуки кај наставниот кадар, тоа природно продолжи, само со замена на физичкото присуство на наставникот - вели Стефановска.

За студирањето на далечина има голем интерес поради мобилноста на луѓето низ целиот свет, согласно нивните професионални или приватни потреби, а БАС им овозможува да студираат на својот мајчин јазик, но и да добијат диплома која е меѓународно призната.



- Нашата студиска програма е призната во Бугарија, Словенија, Шведска, Тајван, Обединетите Арапски Емирати, Австралија, Германија, Италија, неколку држави во САД... Имаме позитивни примери каде што  нашите студенти ја нострифицирале дипломата, работат со таа диплома и кариерно напредуваат таму - вели проф. д-р Тони Соклевски, менаџер за развој на БАС.

Над 90 проценти од завршените студенти на БАС се вработени

Дипломираните студенти на БАС одлично котираат на пазарот на трудот, велат од Академијата, образложувајќи дека 93 проценти од нив се вработени.

- Вонредните студенти најчесто се од наши партнерски организации и од приватни бизниси, но и од државни претпријатија, каде што се комплетира нивното знаење од она што го имаат од пракса и што ние им го дополнуваме како теорија, понатаму им го трасираме патот кариерно да напредуваат. Во овие 13 години од вонредните завршени студенти 65 проценти кариерно напредувале, а од редовните 93 проценти се вработени, што значи дека нашите дипломирани студенти одлично котираат на пазарот на трудот - потенцира Соклевски.

Проф. д-р Тони Соклевски

Дел од наставата и содржината на студирањето е теренската студиска практика, што е основна причина за големиот процент на вработеност.

- Кај нас од прва година до трета, редовните студенти еден ден во неделата се на пракса во фирми. Таа практика во прва година е комбинирана со лабораториски вежби во БАС, симулации на ситуации, а во втора и трета година извршуваат пракса во фирми. Тоа е причина за ваква голема вработеност. Реализацијата на теренската студентска практика е координирана, водена и надгледувана од посебно лице и во Битола и во Скопје, а во секоја организација има обучени ментори кои се грижат за студентите. За тоа што фирмите нам ни го овозможуваат, ние им овозможуваме попуст од 20 проценти за школарината на вработените и нивните деца, а 50 проценти за менторите на нашите студенти доколку сакаат да се запишат на втор циклус студии. На тој начин им се оддолжуваме, но и регрутираме студенти кои ќе бидат вработени, вели основачот на БАС - Цветко Смилевски.



Фото: Горан Петровски
Подготвил: Емилија Мисирлиевски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование