X
 02.11.2020 Наша тема

Матични лекуваат Ковид-19 и на далечина, по телефон, без прегледи

Некои матични лекари им препишуваат антибиотици на пациентите со симптоми на Ковид-19 без ниту еднаш да ги прегледаат, а наспроти тоа има доктори што секојдневно во своите ординации прегледуваат пациенти и ги лекуваат само за да не им се влоши состојбата и да не стигнат до болница или клиника

Мојата матична докторка ме виде само првиот ден кога имав симптоми на Ковид-19 (премаленост и покачена телесна температура), но не ме прегледа. Само ми даде рецепт за антибиотик „сумамед“, за кој ми рече превентивно да го земам. Не ми направи преглед на грлото, не ме прегледа со стетоскоп.... Испив две дози комбинација од „сумамед“ и „панцеф“ препишани на телефон, а за да биде таа комбинација и јас влијаев.
Вакво искуство имал А. С., чиј прв тест за коронавирус бил негативен, а вториот покажал дека е позитивен. Според неговото искуство, има матични доктори што лекуваат пациенти „на далечина“.

- Во понеделник и вторник децата еден по друг имаа покачена температура од 37,5 степени. Наредниот ден веќе беа подобри. Во средата сопругата забележa зголемена температура и се јави на матичен да закаже тестирање за Ковид-19. Резултат доби во петок, кој беше негативен. Истиот ден (средата) веќе и кај мене се јави премаленост и температура - раскажува нашиот соговорник.

Тој се јавил кај матичен лекар, кој му кажал да почека за тестирање бидејќи само еден ден имал температура.
- Веднаш закажав тестирање, ама поминаа симптомите на настинка и воедно бев негативен. Сепак, ми даде антибиотик „сумамед“ превентивно со оглед на опасноста од Ковид-19. Во петокот пак ми се јави температура - 37,4. Во саботата ми беше подобро и се јавив во ординација. На работа беше другата докторка која е вработена во ординацијата и таа исто ми кажа да почекаме за тест да не е некоја настинка. Во саботата навечер имав 38,6. Во неделата, пак, поминав без температура, ама затоа во понеделникот изгорев цел ден. Бидејќи беше неработен ден, не ни можеше да се закаже тестирање. Во вторникот изутрина матичната ми закажа термин за тестирање за четврток, а во петокот ми јави дека сум позитивен. Во меѓувреме, четврток и петок ги поминав без температура, но немав сила за ништо. Бев истоштен до крајни граници - вели А. С.



Матичната лекарка телефонски му препишала антибиотици, уште една доза „сумамед“ и „панцеф“.

- Го пратив соседот да оди да ми ги земе рецептите и да ги купи лековите. Воедно и еден куп витамини – Ц и Д во таблети, цинк и селен во прашок, аспирин 100 за циркулација на крвта, пробиотик за заштита од дијареја. Секако, тие седум дена не излегував од дома и плус имав изолација од 20 дена. Иако матичната лекарка ми рече дека секој ден треба да води дневник кој ќе го прегледаат од Државен и санитарен инспекторат, тоа не го правеше. Јас се јавив во тие 20 дена еднаш-два пати да прашам дали да продолжам со антибиотици и за консултација околу аспиринот, за кој мислев дека ми создава вознемиреност. Првпат во животот имав толку долго температура - седум дена. Комуникацијата со доктори се сведе на телефонски разговор од понекоја минута и толку - вели нашиот соговорник.

Тој не е единствениот пациент со Ковид-19 што лекарите го лекувале по телефон.
За ова реагираше и д-р Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија, кој кажа дека не се согласува со ваквата практика.

Беќаровски: Не може на телефон да се води медицина

Д-р Беќаровски вели дека е дискутабилен начинот преку телефон да се води медицина и дека не се согласува со тоа.

- Деведесет отсто од матичните доктори лекуваат Ковид-19 преку телефон. Како што нас, постарите професори, нè учеа, секој пациент мора да се прегледа. Сето друго е импровизација. Ние од постарава гарда преферираме директен контакт со пациентот бидејќи тој самиот не може да процени колку е тешка неговата состојба. Евалуација на неговата состојба прави доктор и тука нема компромиси - вели д-р Беќаровски.

Симптомите се менуваат на два часа, мора да се следи пациентот

Д-р Весна Стојанова-Атанасовска, матичен лекар, вели дека секој ден во ординацијата прегледуваат по 60 пациенти, а најголем број од нив се со слични или исти симптоми, за кои не може без тест да се тврди дека се за Ковид-19.

- Јас како матичен лекар и лекар по семејна медицина работам во ординација во која доаѓаат голем број пациенти. Го прегледувам и лекувам секој пациент што доаѓа овде уште од почетокот на пандемијата, иако министерот Венко Филипче на почетокот апелираше дека матичниот не е должен да го прими пациентот, но треба да му биде достапен. Ние сме овде две докторки и две сестри. Правиме сè за пациентите да не стигнат  до клиника. Кај нас од утро, па сè до завршување на втората смена се прегледуваат пациенти со секакви симптоми. Дали имаат Ковид-19, дознаваме откако ќе се тестираат. Има пациенти со влошена состојба, па доаѓаат зашто не ги примиле на клиника или, пак, ги пуштаат дома, а се во лоша состојба. Луѓето си бараат помош, тие секојдневно се тука. Континуирано сме изложени на стрес и на опасност и никој не дошол да нè праша како работиме - вели д-р Стојанова-Атанасовска.



Терапијата не е нешто што се воведува тукутака, вели таа.

- Јас сакам прво да видам рендген, лабораторија, состојба на д-димери, за да знам дали треба да вклучам терапија против згуснување на крвта. Комплетно го следам пациентот. Можеби е точно дека има лекари кои лекуваат од дома. Но, ние сме доктори, не смееме да се плашиме. Сме положиле заклетва, ова ни е професијата. Јас не смеам болен пациент да вратам дома. Тој ја менува клиничката слика на два саати и не може да се следи неговата состојба од дома, преку телефон - додава докторката.

Матичните немаат протокол по кој ќе се водат за третирање пациенти со Ковид-19. Така, секој матичен работи според своите познавања.

На оваа тема не добивме коментар од Министерството за здравство.
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема