X
 27.03.2020 Живот

И покрај пандемијата на коронавирусот, во Шведска животот си тече нормално

Во повеќе земји во Европската Унија животот е ставен на пауза, но во Шведска дневната рутина продолжува нормално. Но, поради зголемувањето на бројот на заразени, колку долго ќе може да продолжи со својот опуштен пристап?

- Заразата се шири. Загрозени се животот, здравјето и работните места. Ќе се разболат повеќе луѓе и повеќе луѓе ќе мора да се збогуваат од свои роднини - рече шведскиот премиер Стефан Левен во обраќање до нацијата во неделата.

Според податоците од Светската здравствена организација, 2,526 луѓе се заразени, а 62 починале. За споредба, во Германија бројот на заразени достигна 39.355, а 222 луѓе починале.

За разлика од Германија и многу други европски земји, јавниот живот во Шведска воопшто не е погоден. Шведската влада сè уште нема поставено никакви ограничувања за излегување или забрани, туку дава само препораки. Наместо тоа, се потпира на здравиот разум, препорачувајќи луѓето да останат дома колку што е можно повеќе, да не патуваат без потреба и да ги ограничат контактите со постарите лица.

шведска
Фото: Pixabay

Продавниците и рестораните се отворени, влезот на ЕУ-граѓани е дозволен, а истото важи и за настаните со максимум 500 лица. Основните училишта и градинките функционираат нормално, додека средните училишта и универзитетите изведуваат онлајн-настава.

Но, не секој го одобрува ваквиот пристап на владата. Саксија Пантел, претседателка на ционистичката федерација на Шведска, на својот твитер-профил неодамна објави фотографија од полни ресторани и кафулиња каде што младите луѓе имаат близок контакт и уживаат во пролетното сонце.
- Ова е лудило! Се плашам што сум во Шведска во време на кризата со коронавирусот! - напиша таа под фотографијата.

Андре Тегнел, врвен епидемиолог од Шведска, се најде под голем притисок. На 5 март тој рече дека ширењето на епидемијата веројатно го достигнало својот максимум. Во тоа време само 94 луѓе биле заразени, а сега се заразени илјадници. Во интервју на 18 март тој изјави дека лицата што живеат во семејство со заразено лице и понатаму може да одат на училиште или на работа. Ваквата изјава предизвика страв кај многу шведски граѓани.

Некои луѓе почнаа да ги земаат работите во свои раце. Пред велигденската пауза кон средината на април, кога многу Швеѓани обично ги преполнуваат скијачките терени, операторите на ски-центрите почнаа да бараат построги контроли од здравствените власти.

Различна приказна во Данска

Реакцијата на Данците во однос на пандемијата е сосема поинаква. Премиерот Мет Фредериксен ја затвори целата земја, забранувајќи настани со повеќе од 100 луѓе, а ги затвори и универзитетите, училиштата, градинките, библиотеките и културните институции. Данска беше една од првите земји во ЕУ што ги затвори границите, на 14 март.

Кога станува збор за тестирање сомнителни случаи, Стокхолм дејствува против препораките на СЗО. Во првите неколку недели од пандемијата во Шведска секој што се вратил од област со висок ризик или имал контакт со заразено лице и покажувал симптоми можел да биде тестиран.

Но сега, само оние што спаѓаат во ризичната група или имаат сериозни проблеми со дишењето се сметаат за приоритетни, според здравствените власти. Пациентите без претходни здравствени болести, а кои покажуваат симптоми на Ковид-19, не се тестираат. Ним им се дадени насоки да останат дома додека да закрепнат.

- Повеќе немаме време да ги чекаме резултатите од тестовите. Мора да работиме побрзо и да одиме чекор понатаму. Препорачуваме сите пациенти со симптоми да ги ограничат своите социјални контакти - изјави Карин Тегмарк Висел, микробиолог од Шведската агенција за јавно здравје.

Извор: Detusche Welle
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот