X
 02.11.2021 Живот

Жител на британско гратче се шокирал кога дознал дека му ја украле куќата

Кога свештеникот Мајк Хол се вратил дома во гратчето Лутон, открил дека неговата куќа има нов сопственик и дека се реновира.

Како што опишува, тој се шокирал кога видел дека покуќнината ја нема и дека имотот бил продаден без негово знаење.

Истрагата на Би-би-си покажала дека бил украден идентитетот на Хол и дека бил искористен за продажба на куќата и потпишување договор.

Од полицијата првично му рекле дека не се работи за измама, но сега го истражуваат случајот.

Хол, кој не живеел во куќата бидејќи работи на северот на Велс, вели дека неговите соседи на 20 август го известиле дека има некој во неговата куќа и дека светлата се вклучени. Следното утро тој пристигнал во Лутон.

- Стигнав до влезната врата, го ставив клучот во бравата, но не можев да ја отворам. Потоа непознат човек ми ја отвори вратата - раскажува Хол.

- Го турнав и влегов внатре. Навистина не знаев што се случува. Бев шокиран кога видов дека нема ништо од мебелот, теписите, завесите - додава Хол.

Човекот рекол дека работи на реновирање на домот, на што Хол одговорил: - Јас не ја продадов куќата, ова е мој имот.

Хол повикал полиција за работникот да си замине. Работникот се вратил со таткото на новиот сопственик, кој рекол дека куќата била купена во јули, додавајќи: - Ова е сега мое, а вие сте натрапник. Губете се.

Како што вели Хол, потоа се обратил во катастарот да види чие име е запишано. Открил дека од 4 август е регистриран нов сопственик.

luton
Фото: Screenshot/YouTube

- Во тој момент полицијата рече дека не може ништо да направи затоа што станува збор за граѓанска парница, па морав да ја напуштам куќата и да контактирам адвокати - вели Хол.

Тој ја исконтактирал и полицијата преку интернет, но го добил истиот одговор.

- Бев во шок - прво кога ја видов куќата во таква состојба, а потоа по одговорот на полицијата дека не верува дека станува збор за кривично дело, што ми беше уште поневеројатно - вели тој.

Би-би-си го поврза Хол со Одделението за измама на полицијата на Бедфордшир, кој започна истрага.

Портпаролот вели дека сè уште никој не е уапсен.

Би-би-си дошол до дупликати од возачката дозвола издадена од Агенцијата за возачи на име на Хол, детали од банкарската сметка со неговите податоци и договорот што бил склучен, како и снимки од телефонски разговори во врска со куќата што била продадена.

Во моментот кога сопственикот му платил 155.000 евра на човекот кој се претставил како Хол, тој законски станал сопственик на куќата.

Адвокатите вклучени во трансакцијата велат дека е во тек полициска истрага и дека не смеат да даваат коментари за случајот.

Извор: BBC
Фото: BBC
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот