Заврши комплетната замена на старите лифтови со нови во студентските домови во Скопје за што Министерството за образование инвестираше 15 милиони денари.
Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска изјави дека веќе е направен технички прием на лифтовите со што тие се ставени во употреба.
- Ова е исклучително значајно затоа што на овој начин ќе се подобри целокупната фреквенција и функционалност во студентските домови, а тоа пред се е во интерес на студентите, истакна Ристовски.
Во однос на сместувањето на студентите во студентските домови, Ристовски очекува целосно да бидат пополнети капацитетите.
- Во текот на вчерашниот ден заврши процесот за апликација за студентско сместување за студентите од втора до завршните години. На огласот се објавени 5.600 места за сместување во студентските домови. Досега за овие студенти пристигнати се околу 2.700 апликации. Во меѓувреме тече електронското пријавување за студентите од прва година, а во периодот од 29 август до 2 септември ќе биде формалната достава на документацијата од страна на заинтересираните бруцоши. Согласно нашите очекувања и искуствата од минатите години се движиме во рамки на очекуваниот број апликации при што очекувам во најголем број случаи целосно да бидат пополнети капацитетите на студентските домови, посочи Ристовски.
Тој изрази благодарност и до менаџментот на Студентскиот центар и раководствата на студентскиот дом „Сениќ“ и училишниот дом „Партение Зографски“ за нивната ангажираност околу сместувањето на лицата кои беа зафатени со поплавите во скопскиот регион.