Град Скопје и оваа година ја доделува наградата „13 Ноември“ на физички и правни лица чија цел е промовирање на константните вредности во науката, уметноста, здравството, културата, образованието и спортот.
Од Одборот за доделување на наградата „13 Ноември“ денеска информираа дека во конкуренција за наградата годинава биле предложени кандидати со исклучителни достигнувања во повеќе дејности.
Добитник на наградата од областа на публицистиката е академик Влада Урошевиќ, од областа на образованието и воспитанието проф. д-р Бона Бајрактарова и прoф. д-р Соња Здравкова-Џепароска, од областа на културата Благој Чоревски, од областа на науката проф. д-р Елка Јачева-Улчар и од областа на уметноста Ѓорѓи Цуцковски. Годинашни добитници на оваа престижна награда се и проф. д-р Билјана Кузмановска и д-р Ирфан Ахмети од областа на здравствената заштита, од областа на хуманитарната активност ДНК - музичко дуо Андреја Ѓорѓиески – Андреј, Владимир Блажев – Панчо и Елена Божиновска, од областа на социологијата Али Пајазити и од областа на спортот Атанас Костовски и СУГС Гимназија „Никола Карев“ - Скопје.
Претседателката на Одборот за доделување на наградата, Марија Станчевска-Ѓоргова, им честита на годинашните добитници на ова највисоко признание на Град Скопје.
Наградата со која се уважени низа значајни дејци во повеќе области, истакнати жители и организации, градители на културата и севкупниот јавен живот на нашата престолнина се доделува од 1955 година по повод 13 Ноември - Денот на ослободувањето на Скопје во Втората светска војна.
Извор: МИА