Научници од Соединетите Американски Држави и од Германија открија дека древните вирусни фрагменти во нашата ДНК, кои долго време се сметале за „отпадна ДНК“, играат важна улога во регулирањето на хематопоетскиот систем за време на бременоста и во ситуации на загуба на крв. Овие наоди посочуваат дека активирањето на овие древни елементи може да го зголеми производството на црвени крвни зрнца.
Истражувањето спроведено со анализа на хематопоетски матични клетки кај глувци покажало дека фрагменти од генетскиот код, познати како ретротранспозони, се активираат за време на бременоста. Кога овие фрагменти ќе се „разбудат“, предизвикуваат имунолошки одговор кој го зголемува производството на црвени крвни зрнца. Сепак, овој процес не е без ризици. Активирањето на ретротранспозоните им овозможува да се движат низ геномот, што може да доведе до промени во генетскиот материјал. За да разберат како функционира овој процес кај луѓето, истражувачите анализирале примероци од крв од бремени и небремени жени и заклучиле дека истиот механизам се јавува и кај луѓето.
Понатамошните тестови на глувци покажале дека животните кај кои процесот бил блокиран развиле анемија - состојба која се карактеризира со недостиг на црвени крвни зрнца, што е особено честа појава кај трудниците. Ова укажува на важноста на овој процес за одржување на здравјето на мајката и детето за време на бременоста.
Генетичарот и имунолог Шон Морисон од Универзитетот „Тексас Саутвестерн медикал центар“ вели дека резултатите се изненадувачки.
- Ова е спротивно на она што го очекувавме. Кога станува збор за зачувување на интегритетот на геномот, бременоста е периодот кога би сакале да избегнеме мутации.
Ретротранспозоните, кои сочинуваат околу 8 отсто од човечкиот геном, до неодамна се сметале за бескорисни. Меѓутоа, сега е познато дека овие генетски реликвии можат да имаат корисна улога во телото. Кај глувците, активираните ретротранспозони предизвикале производство на сигнален протеин наречен интерферон, кој ја зголемил активноста на хематопоетските матични клетки забрзувајќи го формирањето на крвта.
- Ова истражување го менува начинот на кој ги разбираме механизмите на регенерација на ткивата. Досега тоа го докажавме само во хематопоетскиот систем, но шпекулираме дека и други типови матични клетки би можеле да користат ретротранспозони и имунолошки сензори за активирање за време на регенерацијата на ткивото - рекол Морисон.
Алпаслан Тасдоган, генетичар од Универзитетот „Дуизбург-Есен“ во Германија, ја нагласува важноста на ова истражување.
- Овие наоди ни помагаат да разбереме некои од механизмите што придонесуваат за развој на анемија за време на бременоста - вели тој.
Планирана е клиничка студија која дополнително ќе ја истражува функцијата на ретротранспозоните кај пациентите со цел подобро да се разбере нивното дејство и потенцијалната примена во третманот. Ова откритие може да обезбеди важни сознанија за процесите што ги штитат и мајката и детето.
Извор: klik.hr
Фото: Freepik