Група турски научници идентификуваа четири ретки вируси во Турција што причинуваат хеморагична треска, слабост на бубрезите и слични симптоми и може да доведат до смрт, објави „Сабах“.
Научници од Катедрата по биологија при Универзитетот „Булент Еџевит“, предводени од професорот Мехмет Али Јоктем од Универзитетот „Докуз Ејљул“, спровеле испитување на неколку хантавируси што се развиваат кај глодачи и мали цицачи во Турција, при што се дефинирани четири конкретни подвидови што можат да причинат заболувања и кај човекот.
Новооткриените ретки вируси се пренесуваат од глодач на човек. Имињата ги добиле по провинциите или градовите каде што биле откриени: „Dobrava Hantavirus Igneada“, „Dobrava Hantavirus Giresun“, „Puumala Hantavirus Bartın“ и „Tuula Hantavirus Palandoken”.
- Оваа група смртоносни вируси е веќе позната во светот. Ние само ги идентификувавме овие подвидови откриени во Турција - нагласи професорот Јоктем.
За нив сѐ уште не е пронајден лек, но Јоктем истакнува дека ако вирусот биде рано дијагностициран, пациентот може да остане жив со помош на терапија што би го одржала имунолошкиот систем.
Извор: МИА