Статија во едно од водечките светски научни списанија предвиде дека бројот на луѓе ќе се приближи до бесконечност и дека човештвото практично само ќе се уништи.
Во 1960 година „Сајанс“, едно од водечките светски научни списанија, објави статија со недвосмислен наслов: „Суден ден: петок, 13 ноември 2026 година“. Во неа беше предвидено дека на овој датум, бројот на луѓе ќе се приближи до бесконечност и дека човештвото практично само ќе се уништи.
Ова тврдење привлече огромно внимание во јавноста. Уште повеќе изненадува тоа што, бидејќи истражувањето и математичките пресметки врз кои се засноваше изгледаа издржани, привлече и сериозно и долготрајно внимание од научната заедница.
Авторите, Хајнц фон Ферстер, австриско-американски професор и експерт за кибернетика, и двајца негови студенти, Патриша М. Мора и Лоренс В. Амиот, тврделе дека човечката популација е исклучок и дека би можела да расте побрзо од експоненцијалната стапка, односно по стапка што непрестајно се зголемува.
- Нашите правнуци нема да умрат од глад. Ќе бидат натрупани до смрт - тврделе тие.
Статијата редовно се цитирала, а нејзините предвидувања се покажале исклучително прецизни сѐ до околу 1993 година, на половина пат до предвидениот „Суден ден“, кога бројот на жители во светот почна да заостанува зад прогнозите.
Денес, глобалната стапка на раѓање е нешто помалку од половина од онаа во 1960 година. Да се надеваме дека на 13 ноември ќе се разбудиме и ќе дочекаме еден сосема обичен ден, пишува „Индепендент“ и додава дека споменатата статија останува исклучителен пример за спојување на ригорозната наука со вештината на сценскиот настап, со зачудувачки ефект.
Единствени човечки способности
Во средината на 20 век во светот растела загриженоста поради брзото зголемување на бројот на жители и стравувањето дека тоа може да доведе до недостиг на ресурси и геополитички конфликти. Голем дел од овие стравувања се темелеле на идејата на Малтус дека населението може да расте многу брзо, додека производството на храна не може да го следи тој раст.
Меѓутоа, во својата статија Фон Ферстер и неговите коавтори тврдеа дека луѓето, кога станува збор за растот на популацијата, можеби претставуваат исклучок.
Со оглед на нашата способност да комуницираме и да создаваме „коалиции“ што ни помагаат во решавањето на проблемите, зголемувањето на густината на населеност би можело едноставно да значи повеќе можности за соработка, па бројот на луѓе би можел да расте не само побрзо од експоненцијалната стапка, туку по стапка што непрестајно се зголемува.
Натрупани до смрт
Фон Ферстер и неговите соработници ги искористиле историските податоци за да предвидат дека, поради забрзаниот раст, бројот на жители во светот во 2026 година би можел да достигне речиси бесконечна бројка. Како решение предложиле глобалната стапка на раѓање да се преполови.
Трудот предизвикал големо внимание и бил објавен во „Тајм“ и „Њујорк тајмс“. Иако математичари и демографи го нарекле „смешен“ и „апсурден“, неговите автори цврсто застанале зад своите пресметки.
Од 60-тите до 80-тите години нивната равенка за „Судниот ден“ често се користела во учебници и јавни дебати за растот на населението. Интересно е што нејзините прогнози извесно време биле изненадувачки точни. Дури околу 1993 година бројот на жители почнал да заостанува зад предвидувањата, бидејќи стапката на раѓање почнала значително да опаѓа. Денес таа е помалку од половина од стапката во 1960 година.
Наука и сценска вештина
Веројатно нема сите да се разбудиме еден ден „натрупани до смрт“, пишува „Индепендент“, но оваа приказна носи важна поука.
Фон Ферстер порано бил и сценски магионичар, а неговиот научен труд покажува колку е важно како една идеја ќе му биде претставена на светот. Со необичен наслов и драматичен заклучок, авторите привлекле огромно внимание, а со истражувањата и аргументите успеале да го задржат.
Да привлечеш внимание кон сериозен проблем со помош на апсурд - тоа е добар трик.
Извор:
Independent.co.uk
Фото: Magnific