Историјата потсетува и никогаш не смее да се заборави, а тоа бара нејзино доследно почитување дека првите словенски просветители, браќата свети Кирил и Методиј биле мисионери на најблагородната професија во животот – поучувањето (учењето) и дале огромен придонес во просветување и ширење на писменоста меѓу непросветеното христијанско население. Мисија која значи трајно и бесценето богатство за еден народ. Таквата мисија како наследство и чест ја имаат учителите, наставниците, професорите, секој во својот домен на интерес и на работење. Велам дека е најблагородна и најдостоинствена професија затоа што за да описменуваш и да градиш личности со знаења, умеења, вештини, потребна е најпрвин голема и безусловна љубов, а потоа волја и трпение. На просветарите кои со цела душа и големо срце работат со ученици со цел да пренесат знаење треба да се гледа со посебна почит и внимание.
До каде е денешното почитување во училиштата?
Не е нималку за пофалба денешното (не)почитување во рамките на училиштата, а за исклучоци веќе и не станува збор, на една рака се бројат. Постојано потсетуваме дека сите треба да го почитуваме Кодексот на однесување во една образовна институција и тоа е нормално и правилно. Но се случува да се отстапи од кодексот како воопшто да не постои, па да се премине на недозволено, недолично однесување. Не случајно укажуваме дека и родителите дома треба многу да работат со своите деца на културата и однесувањето во училиште, кон претпоставените, па и во секое друго опкружување. Очигледно и дома нема резултати. Воспитувањето во дневната соба во домот има многу значајно влијание врз детето. Имаме секакви карактери како на ученици така и на наставници. Меѓутоа отсекогаш (особено во 90-тите години) важеле некои строги правила и норми кои и денес мора да се запазат и почитуваат. На наставник, на пример, не се повишува тон, не се навредува, не му се покажува нервозно однесување... оти сето тоа не води до заеднички јазик и договор како да работиме и учиме понатаму, туку напротив, создава многу погрешни и лоши впечатоци. Тоа е особено важно за двете страни субјект-објект во наставниот процес. Мора да постои разбирање и што е најважно насмевка и расположено однесување затоа што така најдобро се работи во училница и надвор од неа. Не ни се потребни мерки и укори ако можеме и умееме самостојно да покажеме контролирано и примерно однесување, што ќе биде за пофалби. Да не се разбереме погрешно, значи многу малку е потребно да се промени едно непочитување и да премине во почитување (од самите себе се тргнува, од личната совест). Има ученици кои научиле култура на говор, на изразување, на однесување што е одраз на добро и правилно домашно воспитување. И никогаш ќе немаат проблем во комуникацијата и разбирањето со наставниците, па и воопшто. За да се почитува, треба да се внимава и на прекумерното користење на социјалните мрежи, кои обично се презаситени со говор на омраза, со негативни работи и сл. Затоа треба да се извлекува и да се користи она што е позитивно, корисно, односно она што правилно поучува и води во вистинска насока. Тешко оди, од ден на ден имаме сѐ повеќе нервозни и неразбрани деца кои не можат никако да се контролираат во однесувањето. Да се надеваме дека Кодексот на однесување многу подобро ќе се почитува. Верувам дека секој може да се промени на подобро само ако има цврста волја и добра намера. Во училишната средина мораме да ги почитуваме сите субјекти, без разлика колку сме се изненадиле од некого. Тоа е етичко однесување. Ајде ученици, па и сите други, да одиме по патот на културното и одговорното однесување и почитување! Ќе има ли промени за позитивно да се изненадиме?!
Првите учители и одделенски раководители никогаш не се забораваат
Основните наставни навики: да читаш, пишуваш, броиш ги започнуваш со учителот/учителката. Многу важна основа која мора правилно и трајно да биде пренесена за подоцна да не создава проблеми и тешкотии. Ако коренот (основата) на описменувањето правилно се совлада, тогаш многу полесно се пристапува на погорните одделенија и класови. Процесот на описменување е макотрпен и бара многу внимание и трпение (тоа најдобро го знаат одделенците од прво до петто одделение). Мал пропуст во оваа најважна мисија може да значи голем проблем кај ученикот и секако, кај наставникот во предметна настава и целиот живот. Голем проблем и страшен пропуст кој, за жал, е присутен денес затоа што имаме ученици кои не знаат да читаат и да пишуваат или пишуваат, ама не си го разбираат напишаното. Затоа учењето треба да биде континуирано со повторување, односно потсетување на веќе наученото. Се надевам дека секој учител и наставник го вложува максимумот во рамките на наставата за да го научи и порасне тоа учениче во прав ученик. Кога одделението е солидно, тогаш сите пофалби ги има учителот. Понатаму како „синџир на исхрана“, тоа продолжува да се докажува и во другите години на образование, односно во погорните одделенија и класови каде што ќе учат тие ученици. Не случајно се вели дека првиот учител никогаш не се заборава. Спомените за него вечно траат. Тоа не значи дека одделенскиот раководител од шесто до деветто одд. и класниот раководител од прва до четврта година немаат улога, напротив, тие се втори најверни родители на учениците со кои продолжува процесот на културно, одговорно и паметно однесување и учење. Многу е важна и толеранцијата која не смее да ги премине границите на нормалното однесување. Мора да се знае до каде и колку се може и од тоа не смее да се отстапува. Постојано учиме, се поправаме, се критикуваме, но тоа треба да го правиме за општо добро. Тоа се нарекува принцип во работењето. Најубавите и најдолгите години од учењето ги има во основното образование. Средношколските денови се пократок период иако и тие се исполнети со многу предизвици, намери, очекувања, со многу позрело гледање на работите. Да заклучиме: навика за учење, однесување и почитување еднаш се стекнува и трае целиот живот. Добрите постапки и правилните размислувања остануваат во трајна училишна архива како за наставниците така и за сите вработени и многу пошироко... Затоа, драги ученици, многу сте паметни и интелигентни, па покажувајте почит кон оние со кои половина ден го поминувате оти ви го мислат најдоброто и најубавото. Тие се ваши пренесувачи на најголемото и најтрајно богатство во животот – знаењето. За да се слуша надалеку добриот глас, најпрвин треба да се изгради убав впечаток.
Не е тешко ако се може и умее. Колку е пријатно кога ќе се сетиме на нашите први учители и наставници а со нив и на училишните денови... Да градиме и да оставаме позитивни училишни спомени! Човек се станува со ука која трае целиот живот.
Автор: професор Александар Адамовски