X
 02.12.2019 Живот

Бразилскиот претседател тврди дека Леонардо ди Каприо платил за палење на Амазонија

Холивудскиот актер Леонардо ди Каприо го отфрли обвинувањето на бразилскиот претседател Жаир Болсонаро дека тој дал пари за да се запали Амазонија.

Болсонаро не дал докази за ова тврдење, но и во минатото ги обвинуваше невладините организации што ја критикуваа неговата политика дека тие се виновни за пожарите што ја уништија прашумата.

Беа извршени неколку апсења среде контроверзните и недокажани наводи за тоа кој е виновен за пожарите.

Ди Каприо донира 5 милиони долари за Амазонија и ги отфрли обвинувањата на бразилскиот претседател. Невладините организации тврдат дека се врши притисок врз нив од политички причини и дека се вознемируваат активистите што се занимаваат со екологија.

 - Пожарите во август годинава предизвикаа загриженост низ светот бидејќи исчезнуваат белите дробови на планетата.

Што рече претседателот?

- Овој Леонардо ди Каприо е одлично момче, нели? А тоа што дава пари за да се запали Амазонија? - изјави Болсонаро.

- Што направија невладините организации? Што им беше најлесно да направат? Да предизвикаат пожар. Фотографираат, снимаат, почнуваат кампања против Бразил и го повикуваат Леонардо ди Каприо, кој донира половина милион долари? - рече претседателот и додаде дека дел од парите отидоа во рацете на луѓето што предизвикаа пожар.

Светскиот фонд за диви животни исто така ги отфрли обвинувањата на претседателот.

amazonija
Фото: AFP


Што рече Леонардо ди Каприо?

Актерот, кој е и голем еколошки активист, даде соопштение во кое вели:

- Иако заслужуваат поддршка, ние не ги финансиравме организациите што моментално се изложени на напади. Иднината на овие незаменливи екосистеми е загрозена и горд сум што сум дел од групата што ги штити - изјави Леонардо ди Каприо.

Тој го пофали бразилскиот народ, кој даде сè од себе за да го зачува своето природно и културно наследство.

Светскиот фонд за диви животни потврди дека не добил никакви пари од актерот, чија фондација се занимава првенствено со проекти за заштита на животната средина.

И политичките противници на Болсонаро ги критикуваа неговите изјави.

- Каков очајнички потег. Нашиот невнимателен и неспособен претседател, одговорен за досега невидената пропаст на животната средина, го обвинува Леонардо ди Каприо, а не сопствената администрација, неспособна да преземе макар еден чекор, а да не уништи ништо - напиша сенаторот Рандолфе Родригез на својот твитер-профил.

Кој е виновен за пожарите?


Во текот на неколку недели од август делови од Амазонија изгореа во пожарите кои беа посилни отколку во претходните децении. Пожарите предизвикаа огромна загриженост во светот.

Амазонија е најголемата дождовна шума на светот и клучна заштита што го забавува глобалното затоплување.

Болсонаро ја ангажира војската при гасење на пожарите, кои беа запрени на почетокот на септември, но активистите тврдат дека властите мора да направат многу повеќе за да спречат огнената стихија.

Шумските пожари избиваат во текот на сезоните на суша помеѓу јули и октомври. Причините можат да бидат природни, како молња, но се смета дека овогодишните пожари ги предизвикале фармерите и дрвосечачите со цел уништување на шумите заради садење или сечење дрвја.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот