Наставници од четири основни училишта во земјава учествуваат на тридневната обука со која официјално почнува првата фаза од воведувањето на сеопфатно сексуално образование (ССО) во формалниот образовен систем, кое го најави Министерството за образование и наука. Воведувањето сеопфатно сексуално образование во основните училишта ќе значи унапредување на родовата рамноправност, но и превенција од сексуалното вознемирување и насилството. Ова образование значи знаења за начините за заштита, однесување и предизвиците коишто ги носат пубертетот и развојот до адолесценција, велат од МОН.
- Сексуално образование многу често е поставувано како нешто што не треба да се прави, не треба да се зборува во училиште. Но, кога ќе го поедноставиме и кога ќе кажеме дека зборуваме за ненасилство, за прифаќање на себе, на своето тело, за градење релации со другите луѓе околу нас, за создавање партнерски однос, дискусија околу своите емоции, тогаш сите велат да, тоа е потребно. Токму затоа сите истражувања покажуваат дека и родителите и наставниците и учениците имаат потреба од воведување на овие теми во формалното образование, затоа што не секое дете има можност дома да разговара за овие прашања и така неинформирани влегуваат во одредени релации и односи, на погрешен начин, често повредувани, често злоупотребувани и често неприфатени од околината и од себе - рече министерката за образование и наука Мила Царовска.
Пилот-програмата опфаќа четири училишта во Скопје и во Тетово – две урбани и две рурални со настава на македонски и на албански јазик, за потоа ова образование да се интегрира во наставните курикулуми. Наставниците ќе се стекнат со неопходните знаења и вештини за сите теми пврзани со ССО кои се во согласноsт со препораките на УНЕСКО за возраст од 12 до 15 години.
Во процесот е вклучено Бирото за развој на образованието, Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување - ХЕРА, како и меѓународни организации – УНЕСКО, УНДП, СЗО, УНФПА – Фонд за население на ООН.