X
 07.02.2019 Образование

За 5 отсто повисоки плати во образованието од септември

Повисоки плати за 5 отсто ќе добијат наставниците и професорите во основно, средно и во високо образование, најави денес министерот за образование и наука Арбер Адеми. По подолго време, покачување ќе добијат и професорите во високото образование, истакна тој на брифинг со новинарите, на кој ги образложи приоритетите на МОН за годинава.
Повисок буџет за образование ќе има на располагање ресорното министерство. Тој изнесува околу 26,1 милијарди денари, односно 7,84 отсто поголем од лани.

Основното и средното образование ќе бидат финансирани со 16,3 милијарди денари.
За блок-дотации ќе бидат одвоени 14,4 милијарди денари, што е за 1 милијарда 371 милион денари повеќе од 2017 година.
- Ќе подготвиме Акционен план според препораките од ОЕЦД и нивниот темелен извештај за состојбите со нашето образование. Тие препораки ќе влезат во новиот Закон за основно образование. На меѓународните институции им веруваме и во нив гледаме партнери. Нешто што сме мислеле дека е добра идеја се покажало дека не е и ќе ги послушаме. На пример, за идејата за рангирање на училиштата за да се мотивираат подобро ни беше укажано дека не е добра и дека не давала резултати во светот. Исто така, ни беше укажано дека нема потреба да се намалат бројот на часовите затоа што не сме спаѓале во земјите со многу голем број часови во однос на земјите на ОЕЦД - рече Адеми.


Арбер Адеми, министер за образование и наука

Од МОН велат дека рокот за да биде завршен Законот за основното образование е јуни 2019 година, со цел да се примени од наредната учебна година. Средното стручно ќе се унапредува со нови, модернизирани наставни планови и програми и во соработка со нови бизнис-партнери ќе се проширува концептот дуално образование, изјави Адеми.
Во високото образование ќе се потрошат 6,5 милиони денари, односно од 24,71 отсто од буџетот на МОН. За наука ќе се издвојат 415 милиони денари.
За ученички и студентски стандард МОН ќе потроши 1.120.000 денари.
Од септември ќе биде отворена и Mатематичко-информатичката гимназија. Адеми рече дека сè уште немаат анализа колку паралелки би се отвориле во првата учебна година од нејзиното работење. Додаде дека сега се фокусирани да се обезбеди објект за новото училиште, а потоа, како што рече, ќе ги преземат другите чекори за профункционирање на гимназијата.

Во високото образование, покрај пари за повисоки плати, обезбедени се средства и за формирање на новите институции предвидени со новиот Закон за високото образование – Национален совет за високо образование, наука и истражување и за Агенцијата за квалитет во која како посебни тела ќе функционираат советите за акредитација и за евалуација.
За капитални инвестиции се наменети 2,4 милијарди денари, што споредено со ребалансот од 2018 е повеќе за една милијарда. Ќе бидат наменети за изградба или реконструкција на училишта и спортски сали.
Во однос на проблемите со учебниците, Адеми истакна дека заедно со директорката на Педагошката служба, Вања Велева, дека го бараат најдобриот модус како да се надмине проблемот и сите деца да имаат учебници во септември. 

Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование