X
 02.12.2023 Наука

Дури и растенијата го сакаат викендот, покажа истражување

Научници од Институтот за наука „Карнеги“ во Калифорнија забележаа феномен поврзан со растенијата во Европа за време на студија од 2018 до 2021 година.

Истражувачите анализираа корелација помеѓу квалитетот на воздухот и фотосинтезата, анализирајќи сателитски податоци за светлината што ја емитуваат лисјата на растенијата. Тие открија директна врска помеѓу пониските нивоа на аеросоли (загадувачи што вклучуваат прашина, чад од шумски пожари и човечки активности) и зголемени стапки на фотосинтеза. Викендите, обележани со намалена индустриска активност, покажаа зголемување на фотосинтезата за 64 отсто низ Европа.

- За време на викендите има помал сообраќај и индустриска активност. Но, во текот на работните денови воздухот е повалкан, па гледаме силен неделен циклус - објаснува Лијин Хе, главен автор на студијата.

Студијата, исто така, откри значително намалување на загадувањето со аеросоли во текот на 2020 година, што се припишува на пандемијата. Како резултат на тоа, растенијата покажаа зголемена продуктивност во текот на целата недела, не само за време на викендите.

Американските научници ги нагласуваат еколошките придобивки од подобрувањето на квалитетот на воздухот, не само за здравјето на луѓето, туку и за продуктивноста на екосистемот. Тие проценуваат дека растенијата би можеле да отстранат дополнителни 41 милион тони јаглероден диоксид од атмосферата годишно доколку нивото на аеросоли се врати на нивоата пред пандемијата.

Нивното откритие го истакнува потенцијалот за намалување на нивоата на аеросоли, особено оние поврзани со транспортните и индустриските процеси, за да се подобри складирањето на јаглеродот во растенијата.

Извор: Zimo
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука