Ако се прекине испораката на руски гас за Италија, оваа земја во рок од 15 дена ќе мора да прогласи вонредна состојба, пишува италијанската „
Стампа“.
Колку Европа зависи од рускиот гас? Може ли да се замени со американскиот?
„Уделот на рускиот гас во Италија е 37 проценти. Во Германија е малку понизок, околу 28 отсто. Германските компании без руски гас ќе можат да преживеат една недела подолго од италијанските“, истакнува Пјотр Пушкарев, главен аналитичар на компанијата „Телетрејд“.
До отворањето на ова прашање дојде по фаталната експлозија на австриски склад на гас минатата недела, која сериозно го затресе снабдувањето на Европа со овој енергент.
Другите европски земји се уште позависни од рускиот гас и би можеле да преживеат помалку од една недела во случај на прекин на испораката.
„Зависноста на Словенија, Грција и на Унгарија изнесува од 41 до 45 проценти. Без гас од Русија тие би се соочиле со значителен дефицит на гас во рок од 10 дена“, вели Пушкарев.
Чешка, Словачка, Финска, Литванија, Летонија и Естонија се блиску до речиси стоотстотна зависност од рускиот гас, истакнува овој аналитичар.
„Европската Унија се обиде да ги обедини гасоводите од Европа, Азија и Африка за да обезбеди снабдување со гас на целиот континент“, вели Иван Карјакин, инвестициски аналитичар на компанијата „Глобал Еф-икс“.
Истата стратегија ја има и рускиот „Газпром“, кој развива инфраструктура за течен природен гас (ЛНГ).
Европа е поделена во ставовите по ова прашање. Рускиот гас го преферираат Австрија, Унгарија и Германија, а на тоа се спротивставуваат земјите од Северна Европа и балтичките држави, како и некои земји на југот од континентот.
„Ако ’Газпром‘ ги примени своите проекти за гасоводи, тогаш рускиот гас ќе заземе цврсто место во енергетскиот систем на Европа. Тогаш ќе почне натпреварот со ЛНГ од Америка и Катар, а рускиот гас има поголеми шанси да понуди подобри цени“, вели Карјакин за „
Раша тудеј“.
„Брисел секако знае дека замената на рускиот гас со американски ЛНГ само би ја намалила енергетската безбедност на Европа, наместо да ја зајакне. Затоа веројатно нема да ја прекине соработката со ’Газпром‘. Но и оваа компанија ќе претрпи штети поради санкциите и американскиот притисок. Пред нас е голема борба“, истакна тој.
Пушкарев вели дека развивањето на ЛНГ-терминали може да биде важно за Европа само во случај на вонредни случувања, како оние во Австрија.
„ЛНГ е скап. Корисниците ќе плаќаат меѓу 50 и 70 проценти повеќе во споредба со обичниот гас. Затоа Вашингтон нема никаква шанса да ја истурка Русија од европскиот пазар за гас“, истакна Пушкарев.