X
 23.03.2021 Живот

Учениците во клупите, кафулињата и рестораните отворени, а туристите добредојдени - Исланд се насочи кон економско закрепнување

Учениците во клупите, кафулињата и рестораните отворени, а туристите добредојдени.

Благодарение на успешната програма за тестирање и вакцинација и дисциплинираните граѓани, Исланд успешно ја стави под контрола пандемијата и се насочи кон економско закрепнување.

Според Европската агенција за превенција и контрола на болести, 14-дневната инциденца на бројот на заразени на 100.000 жители е 4,12, додека просечната инциденца на новозаболени во Европа е околу 300. Стапката на смртност е нула со недели.

Постојат неколку важни фактори што доведоа до тоа Исланд да не мора да воведе заклучување на земјата, а своите граници ги отвори за туристите во средината на јуни минатата година.

Најочигледна причина е изолацијата. Островската држава, сместена во северниот дел на Атлантскиот Океан, со население од околу 350.000 жители, има природни предности кога станува збор за управувањето со пандемијата.

Премиерката Кетрин Јакобсдотир истакнува дека оддалеченоста на островот од другите земји не била доволна за да се скроти вирусот.

- Ако размислувам за оваа пандемија, она што најмногу се истакнува е начинот на кој исландската јавност е вклучена во сè. Луѓето навистина одлучија да им веруваат на советите на експертите и научниците и да го променат своето однесување. Тие  ги почитуваат правилата - изјави Кетрин Јакобсдотир во интервјуто за Ен-би-си.

Секој што влегува во земјата мора да покаже негативен ПЦР-тест, а потоа повторно се тестира на аеродром, и го повторува тестот откако ќе помине пет дена во карантин.

- 98 отсто од луѓето навистина доаѓаат на вториот тест. Мислам дека тоа е одличен резултат - вели Катрин Јакобсдотир.

Оние што се целосно вакцинирани или ја прележале болеста не мора да одат во карантин.

Исланд досега целосно вакцинира нешто повеќе од 13.000 лица, околу 34.000 лица ја имаат примено првата доза на вакцината, а во тек е вакцинацијата на над 21.000 луѓе.

Главниот епидемиолог на Исланд, Торолфур Гуднасон, неодамна рече дека најважно за нив сега е да спречат нов бран на инфекции во време кога земјата продолжува да ги отвора своите граници уште повеќе.

island
Фото: Freepik

Иако Светската здравствена организација не ја поддржа идејата за ковид-пасоши, исландскиот епидемиолог посочува дека верува дека тоа е вистинската идеја бидејќи видел доволно прелиминарни резултати од земји како Израел кои вакцинирале голем дел од популацијата.

- Границите треба да се отворат на некој начин. Ние се обидуваме да го направиме тоа на начин кој е поткрепен од науката - вели Гуднасон.

Дека Исланд силно се потпира на науката, покажа пред околу два месеца кога се рашири веста дека генски ги има секвенцирано сите случаи на Ковид-19 од почетокот на пандемијата. Ова е клучно за да се олесни борбата против новите видови и да се следи пандемијата.

Една компанија ги анализирала сите тестови, па се знаело дека на островот го нема јужноафриканскиот сој и дека има околу 60 случаи на инфекција со британскиот сој.

Податоците ѝ дозволија на владата да прецизира мерки за спречување на ширењето на вирусот, но и да се спречи отворањето да не се случи предвреме.

Епидемиолошките мерки постепено беа ублажени во четири фази, а транспарентноста на владата, која се потпираше на научни, проверени факти, им олесни на граѓаните да ги прифатат мерките.

Училиштата се отворени од средината на август, во декември јавните базени, рестораните и баровите, а спортските сали од јануари. Маските и физичкото дистанцирање се задолжителни на јавни места и во превозот.

И покрај успехот, премиерката останува претпазлива и предупредува дека работите секогаш можат брзо да се променат.

Иако е задоволна од сработеното од владата за спречување на пандемијата, нема време за одмор, затоа што неодамна Исланд се соочи со над 20.000 земјотреси во последните неколку недели, а премиерката мора да собере експерти кои ќе ѝ помогнат во борбата против оваа природна непогода.

Извор: Nbcnews.com
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот