X
 03.02.2019 Наша тема

Ангел Ќосев, композитор: Имаме талентирани млади музичари, проблем е општеството, кое зборува само за политика

Слаѓана Вујошевиќ им го дава карактерот на песните. Таа на многу интересен начин ја доближи Биби до децата и мислам дека многу искрено ја чувствуваат и ја слушаат. На почетокот таа беше исплашена дека треба да пее, но сè излезе феноменално. Верувајте дека ниту професионален пејач не може така брзо да сними песна, вели композиторот и аранжер, кој соработува со многу групи и пејачи

Тој е еден од најактивните креатори на македонска музика во последните две децении кај нас. Со многу музички групи соработувал како продуцент, композитор, а сега работи како тон-мајстор во Македонската филхармонија. Ангел Ќосев бил наставник по музичко 22 години, сѐ до минатата година, па детската публика не му е непозната. Тој е човекот што ги создаде песните на Биби, ја направи нивната музика и аранжманите, а песните ги снимаа заедно со актерката Слаѓана Вујошевиќ во неговото студио „Подрумот“ во Скопје.


Ангел Ќосев (фото: Трифун Ситниковски и Бруно Вељановски)

„Светот на Биби“ – љубов на прв поглед

Со проектот „Светот на Биби“ по подолго време ѝ се навраќа на детската музика. Признава дека му е голем предизвик и дека многу лесно „се вљубил“ во ликот на Биби.
- Кога ме поканија Факултети.мк да разговараме да ми ја претстават Биби, многу ми се допадна и тоа беше љубов на прв поглед. Тоа е прв македонски производ што се создава на многу сериозен начин. Се вклучив без многу размислување. Целиот тим и Слаѓана како Биби наметнаа многу позитивна атмосфера - вели Ќосев.
Неговите песни „Трепкај, трепкај, елкичке“ и „Биби јееј“ за многу кратко време станаа хитови кај детската публика. Ќосев признава дека му годи кога ќе добие позитивна реакција за овој проект, особено од децата.
- Како автор, секогаш имам голема доза на недоверба кога работам нешто и имам и трема и сум нестрплив да видам каков ќе биде исходот. Децата секогаш се најголеми и најискрени критичари. Карактер на песните им дава Слаѓана, која јас си ја нарекувам Биби. Таа на многу интересен начин ја доближи Биби до децата и мислам дека многу искрено ја чувствуваат и ја слушаат. И секаде кога ќе прашам блиски луѓе, сите со големо задоволство ја споменуваат. На почетокот таа беше исплашена дека треба да пее, но на крај сè излезе феноменално. Верувајте дека ниту професионален пејач не може така брзо да сними песна – вели Ќосев.

Децата слушаат музика несоодветна за нивната возраст

До крај на март тимот задолжен за музиката на Биби, писателката Билјана Црвенковска, која го пишува текстот и Ќосев ќе ја создадат роденденската песна на Биби. Ќосев најавува дека идејата е десетина песни да бидат ставени на албум, кои би се промовирале низ цела Македонија.
- Факултети.мк внимателно го постави проектот. Да се внимава на дикција, на мелодија, на најубав начин да ја приближиме до вистинската публика, до децата. Така ќе се запази и воспитниот момент, а и да се популаризира македонскиот јазик. Проектот „Светот на Биби“ може многу да помогне да влијаеме децата да слушаат македонска музика, а особено детска, наменета за нив. Можеме да придонесеме за ова, барем децата што се на мала возраст да почнат да слушаат нешто што е пријатно за нивните уши, без вулгарности, да размислуваат на детски начин, а не да пораснат прерано со музика што не е за нив - објаснува Ќосев.


Во неговото студио „Подрумот“ снимаат многу пејачи и бендови

Тој смета дека музичката култура заслужува подобро место во образовниот процес.
- Кога ќе влезете во училиште и ќе поразговарате со децата, ќе забележите дека повеќето од нив ниту зборуваат правилно ниту се однесуваат убаво. Музиката како дел од воспитно-образовниот процес зазема многу важна улога. Уште во стара Грција таа била една од главните техники што се изучувале. Во Кина, Јапонија, најмалите од 5-6 години задолжително изучуваат музика и по неколку инструменти. Кај нас тоа е на многу ниско ниво. Имаме недостиг на музичка култура и тоа прави децата да слушаат секаква неквалитетна музика, полесно слушаат странска музика и несоодветна за деца. И јас сум родител на две мали деца, кои исто така слушаат сè друго, а не детска музика - вели Ќосев.

Глупост е предметот да биде музичко образование без воспитување

Тој истакнува дека во сите години додека бил наставник многу често главна тема на музичките педагози на ниво на град Скопје било музичкото образование да се подигне на повисоко ниво и уметностите и физичкото воспитание да имаат поголем простор во образованието. Но, тоа не се случило во изминатите две децении.
- Децата се оптоварени со многу часови. Кога се вработив, децата од тогашно 5-6 одделение имаа по максимум 6 часа, и тоа во некој ден од неделата. Сега веќе не е така. Кога на ова ќе ги ставиме додатна, дополнителна, па сите останати проекти, децата воопшто немаат време за игра, да си го реализираат својот детски свет, а имаат многу предмети каде што воопшто образовното не може да дојде до израз, а камоли воспитното. Пред 20 години мојот предмет се викаше Музичко образование и воспитување, а денеска е само - образование. Тоа е глупост. Имаме деца што се некултурни, зборуваат со телефони на час, а ингеренциите на наставниците се сѐ помали. Светот се смени, еден нов начин на живот, технологија што го диктира сето тоа, но, од друга страна, не смееме да ги оставиме децата сами да се воспитуваат и „Јутјуб“ да им е главен извор за воспитување - посочува Ќосев.

„Дупер“, „Фанк Шуи“, „Љубојна“, ,,Синтезис...

Композиторот соработува со многу наши бендови и музичари, меѓу кои се: „Дупер“, „Фанк Шуи“, „Плутос даутс“, „Љубојна“, „Монистра“, „Синтезис“ и други.
- Борис, еден од членовите на „Дупер“, ми беше ученик во школото во кое работев. Тој свиреше на гитара, компонираше, ја направи и еколошката химна на училиштето, па правевме концерти. Мене ми беше многу мило кога дојде да ме праша дали може да снимаат кај мене во студиото. Многу пријатно ме изненади. Многу е убаво кога нешто почнало во училиште и може да ве инспирира за во иднина и релацијата наставник-ученик е важна. Тие знаат што сакаат и направија бум. Тоа е голем успех за нив. Подготвуваме албум и со „Фанк Шуи“, сериозна млада група со модерна музика. Исто така, одамна соработувам како тон-мајстор на настапите на „Синтезис“. Тука се и „Љубојна“, „Монистра“, како и фолк-групата „Дрим тим“ – вели тој.
Ќосев тврди дека имаме многу млади пејачи и групи, но дека им треба подобар пласман во јавноста.




Песните на Биби се снимаат во студиото „Подрумот“ на Ќосев

- Проблемот е во општеството. Цело време се зборува за политика, а не за убави работи, не им се дава простор на младите. Овој проблем постои многу одамна. Ние не успеавме да му се наметнеме на светот со нашиот препознатлив ритам и мелодија. Речиси секоја земја си има свој препознатлив стил. На пример, одете на „Јутјуб“, напишете greek и ќе ви даде грчка музика, ставете afro – ќе ви даде африкански ритми, ние немаме препознатлив поим и цел свет да нè препознава, а сите зборуваме дека сме музикален народ, so специфичен ритам, мелодија... Со „Синтезис“ сме биле низ цел свет и овациите биле одушевувачки. И на сето тоа ние не успеавме да направиме наш препознатлив бренд. Има нешто што нѐ кочи, што ни фали.
Многу уметници се иселени од Македонија. Таму некаде каде што творат, го носат македонскиот етнос и тоа си има влијание во нивната работа, ама со тек на време и тоа ќе избледне, уметниците се претопуваат - вели Ќосев.


Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема