X
 03.02.2019 Живот

Сѐ повеќе градови „купуваат“ нови жители

Малиот град Локана на северот од Италија се бори со опаѓањето на бројот на населението, па градоначалникот решил да им даде по 9.000 евра на фамилиите што се подготвени да се преселат таму.

Иако во текот на 20 век градот имал околу 7.000 жители, таму сега живеат околу 1.500 лица, а бројот и понатаму се намалува. Годишно во градот има околу 40 смртни случаи, а се раѓаат по десетина бебиња. Земајќи го предвид и тоа што и во околните места живеат малку деца, веќе некое време се зборува за можност за затворање на училиштето. Затоа на Локана итно ѝ се потребни нови жители.

За селење во овој италијански град, градоначалникот Џовани Бруно Матиет за три години живот во градот ќе им плати околу 9.000 евра, а единствениот услов е новиот жител на Локана да има дете и годишната минимална заработка да му е 6.000 евра.

Но, Локана не е единствениот италијански град што „купува“ жители. Градоначалникот на Боргомедзавале, мал град сместен во близина на италијанската граница со Швајцарија, продава напуштени планински колиби за само едно евро. Нормално, за тоа има услов. Ако сакате да купите куќичка по толку ниска цена во тој италијански град, мора да ја реновирате, а ако имате дете, градот ќе ви плати илјада евра за секое новороденче. Сепак, при селењето, детето не е услов. Покрај тоа, градоначалникот Алберто Прелони им плаќа по две илјади евра на сите што ќе отворат бизнис во градот.

Со тактиката на продажба на евтини домови се служат и други италијански градови, а трендот ја зафати и Америка. И таму има градови што почнаа да се служат со истата стратегија за да ја подобрат демографската слика.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот