X
 17.01.2019 Живот

Италијански град во кој можете да купите куќа за едно евро

Дали ви недостасуваат сончеви зраци во овие студени зимски денови? Последната понуда од Италија може да биде инјекцијата со витамин Д која ја барате. Сега можете да купите куќа на прекрасниот италијански остров Сицилија по цена помала од онаа на едно еспресо.

Градот Самбука е сместен на врвот на еден рид од каде има прекрасен поглед. Десетици живеалишта од овој град се продаваат за само едно евро. Целта е да се оживее заедницата која, како и многу други рурални места во Италија, страда од депопулација во последните години бидејќи жителите се селат во поголемите градови.

Фото: CNN

Ова не е првпат некој италијански град да намамува луѓе со искушувачки понуди, но случајот со Самбука е малку поразличен.

-За разлика од другите градови кои ова го правеа само за пропаганда, оваа општина ги поседува сите куќи кои се продаваат за едно евро. Ние не сме посредници меѓу старите и новите сопственици. Ја сакате таа куќа? Ќе ја добиете навреме - вели Џузепе Качопо, заменик-градоначалник на Самбука.

Сепак, има и еден услов. Новите сопственици мораат да се обврзат да ги реновираат домовите во следните три години, а тоа би чинело најмалку 15.000 евра. Исто така ќе треба да дадат 5.000 евра депозит, кој ќе им биде вратен кога ќе се заврши реновирањето.

Качопо вели дека купувачите нема да бидат разочарани бидејќи местото е опколено со прекрасни плажи, шуми и планини.

Фото: CNN

Поради тоа што бројот на населението се намалува, тој вели дека на градот му се потребни луѓе од надвор за тој да не се претвори во рушевини.

Според Качопо, веќе се продадени околу десет куќи.

-Има уште десетици други, но потребно им е реновирање. Ни се јавуваат луѓе од Швајцарија, Франција и Шпанија и добиваме многу барања - објаснува тој.

Фото: CNN

Качопо се надева дека новодојдените жители ќе помогнат да му се даде нов живот на градот, поттикнувајќи ја локалната економија и зачувувајќи ги архитектонските богатства.

Сепак, потребна е работа. Напуштените куќи кои се на продажба се полни со грамади камења и заборавен мебел, покриен со пајажини.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот