X
 30.10.2017 Живот

Влада што наскоро ќе започне да ги оценува своите жители

1
Фото: Profimedia

Кинеската влада до 2020 година планира да започне систем за социјално оценување за своите 1,3 милијарди жители. За убаво однесување следуваат награди, за лошо - последици.

Уште на 1 јуни 2014 година кинескиот Државен совет објави документи за планот за создавање систем за социјална процена. Станува збор за бирократски документ со радикална идеја: што кога би постоел национален систем за евалуација со кој би можел да се процени каков државјанин сте.

Замислете свет во кој вашите дневни активности се постојано следени и оценети. На пример, што купувате во продавниците и онлајн, каде сте во кој било дел од денот, кои се вашите пријатели и слично.

Повеќето од горенаведените примери веќе се следат со помош на компании како „Фејсбук“, „Гугл“ и „Инстаграм“, како и со апликациите од вашите уреди. Но замислете како би било доколку сите овие активности би биле означени како позитивни или негативни, а резултатот е преточен во еден број, во согласност со правилата што ги поставила власта.

Тоа би биле вашите граѓански поени, кои би кажувале дали треба човек да има доверба во вас. Поените би биле јавни и споредувани со други броеви и со други жители на земјата. Врз основа на тие поени жителите ќе можат да добиваат кредит или работа, да решаваат во кое училиште ќе одат нивните и слично.

Ова сака владата во Кина да го воведе во 2020 година. Новиот систем за мерење на државјаните и поттикнување на довербата на национално ниво.

Технички гледано, учеството во системот засега е доброволно, но за три-четири години ќе стане задолжително. Осум приватни компании добија лиценца за дизајн на алгоритмите и други потребни делови од системот. Очекувано, гигантите од областа на собирање и обработка на податоци моментално ги предводат двата најпознати проекти.

1
Фото: Profimedia

Како е замислено оценувањето?

Оценувањето ќе биде на скала од 350 до 950 бода - колку е бројот поголем, толку подобро. Пет фактори ќе бидат земени предвид: кредитна историја, придржување кон ветувањата, личните карактеристики, однесувањето и личните преференции - на пример, системот ќе следи што, каде и кога купувате. Петтата категорија се меѓусебните односи. Подобри резултати ќе имаат оние што имаат позитивна енергија онлајн. Ќе биде важно и што другите зборуваат за вас, па негативните онлајн-коментари може скапо да ги чинат граѓаните.

Кој нема да биде успешен на едно подрачје, може да очекува последици речиси во сите аспекти од животот.

Критичарите предупредуваат дека системот е само дигитално проширување на сегашната практика на кинеската Комунистичка партија.

Проблемот е што алгоритмите што ги одредуваат поените не ги земаат предвид специфичните околности, како што е ситуацијата кога граѓаните не ја платиле сметката бидејќи биле во болница.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот