X
 03.02.2021 Наша тема

Во пресрет на номинациите: Дали „Врба“ е оскаровски филм?

Од досегашните успеси на македонските наслови на „Оскарите“ тешко може да се направи образец, но да се обидеме вака: македонската кинематографија досега има забележано 4 номинации во три категории. „Дае“ на Столе Попов во 1979 година, „Пред дождот“ на Милчо Манчевски во 1995 година, „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов во 2020 година. Во сите три случаи се работи (или тогаш се работело) за млади, нови автори, но битна е и силната меѓународна промотивна поддршка

Националните кинематографии уште во декември ги избраа своите кандидати за номинација за „Оскар“ од неанглиско говорно подрачје. Свои кандидати имаат и земјите од регионот. Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Црна Гора и Србија го направија изборот меѓу седумте можни кандидати, а како што е познато, македонски кандидат е најновиот филм на нашиот најуспешен режисер Милчо Манчевски, „Врба“. За тоа какви се нашите шанси да се најдеме меѓу петте номинирани филма, веројатно повеќе би можеле да предвидуваме ако се најде на т.н. потесен избор... Но некои од домашните филмски проследувачи имаат свој став по ова прашање.

- Што се однесува до „Врба“, сметам дека не е оскаровски филм, дури ни неговата интенција ми се чини дека не оди во таа насока, но, којзнае, нели!? Милчо Манчевски веќе има едно оскаровско искуство зад себе со „Пред дождот“ и без разлика дали ќе влезе „во филм“ и ќе ја турка играта докрај, на крајот од денот, во CV на филмот ќе стои таа одредница дека бил национален кандидат за „Оскар“, што понатаму може да му донесе одредени бенефити при дистрибуцијата на филмот - вели Игор Анѓелков, филмски проследувач и критичар.



Филмскиот критичар Стојан Синадинов, пак, зборува поопширно за шансите генерално на македонски филм на „Оскарите“.

- Не знам колку од досегашните успеси на македонските наслови на „Оскарите“ може да се направи образец, но да се обидеме вака: македонската кинематографија досега има забележано 4 номинации во три категории. „Дае“ на Столе Попов во 1979 година - номинација за најдобар краток документарец; „Пред дождот“ на Милчо Манчевски во 1995 година - номинација за најдобар странски филм; „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов во 2020 номинации - за најдобар документарец и најдобар странски филм. Во сите три случаи се работи за млади, нови автори (се однесува за Попов и Манчевски во годините кога биле номинирани; Котевска и Стефанов годинава го остварија нивниот успех). Потоа, битна е силната меѓународна промотивна поддршка. „Пред дождот“ беше продуциран од страна на 11 продуценти, а добар дел од нив (Фредерик Дима-Зајдела, Чедомир Колар, Џуди Којнихен, Кет Вилерс, Дуња Клеменц...) беа во продуцентскиот тим кој со „Ничија земја“ на Данис Тановиќ (повторно дебитант-режисер на игран филм) во 2002 доби „Оскар“ за најдобар странски филм - анализира Синадинов.

Според него, во случајот на „Медена земја“ се работи за светската продуцентска и дистрибутерска куќа „Неон“, формирана од Том Квин и Тим Лиг пред 4 години.

- „Неон“ за кусо време стана една од водечките независни дистрибутерски куќи благодарение на искуството на основачите. Квин бил дел од „Семјуел Голдвин филмс“ и „Магнолија пикчрс“, а потоа е претседател на една од компаниите на браќата Вајнштајн. „Мирамакс“, компанија-мајка на браќата Вајнштајн, пред Харви Вајнштајн да биде симнат од холивудскиот Олимп поради дузина обвинувања за сексуални вознемирувања и силувања (движењето „МиТу“), на преминот на двата века беше една од најагилните во аквизиции на „Оскарите“, па филмските хроничари со подолга меморија се сеќаваат дека пред дваесетина години беа обвинувани за „непристојни притисоци“ на членовите на Американската филмска академија кога се гласало за „Оскарите“. За една деценија, кој крајот на 90-тите и почетокот на 21 век, „Мирамакс“ со нејзините наслови забележа околу 240 номинации за „Оскар“ и 40 освоени статуетки - вели Синадинов.



„Неон“ е ориентиран на следниве три вида филмови: наслови од неанглиско говорно подрачје, документарци и, воопшто, новитети во изразот. Квин бил на вистинското место каде што се „учи“ освојувањето „Оскари“, па годинава имаше два фаворити: „Паразит“ на Бонг Џун-хо и „Медена земја“ на Котевска-Стефанов. „Паразит“ беше победник на „Оскарите“ за најдобар филм, но беше и најдобар странски филм.

- Ние можеби се надевавме на „Оскар“ во оваа втора категорија, но Квин и Бонг Џун-хо се соработници од поодамна... „Медена земја“ во периодот од јануари (по триумфот на фестивалот во Санденс) до септември 2019 година освои 40-ина фестивалски награди, а паричниот бонус од тие награди беше поголем од буџетот на филмот. Слично на ова, во оскаровската кампања на „Медена земја“ беа вложени повеќе пари отколку што чини неговата продукција. Самата номинација на документарецот „Медена земја“ во категоријата најдобар странски филм е преседан, и таму беше втор „пик“ на „Неон“. Во категоријата, пак, најдобар документарец немаше шанса со лауреатот „Американска фабрика“ на Стивен Богнар и Џулија Рејчерт, продуциран од брачниот пар Барак и Мишел Обама, чија тема за кинески сопственици на американска фабрика повеќе ги допираа(т) Американците. Од друга страна, „Медена земја“ како никој друг филм ги исфрли на површина сите креативци што учествуваа во неговото создавање. Повеќе од колатерална добивка со оскаровската кампања е наградата на Здружението на американските кинематографери за Самир Љума и Фејми Даут, авторите на мајсторската фотографија во „Медена земја“. Таа награда – едно меѓу неколкуте признанија за нивната работа - ја добија неколку дена пред доделувањето на „Оскарите“ - се потсетува Синадинов.

Ако треба да се конструира каков било профил на македонски филмски наслов на „Оскарите“, тој вели дека вреди да се потсетиме дека на холивудскиот црвен тепих досега, освен режисерите, зачекориле и две дами од Македонија, кои не се (или во тој момент не биле) „вистински“ актерки: Лабина Митевска во 1995 година како актерка-натуршчик во „Пред дождот“ и Атиџе Муратова како лик од документарецот „Медена земја“ во 2020...
- За шансите на „Врба“ на Манчевски, веројатно повеќе би можеле да предвидуваме ако се најде на потесниот избор за номинации - додава Синадинов.





Регионална конкуренција

Свои кандидати веќе имаат и земјите од регионот. Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија го направија изборот меѓу седумте можни кандидати. Копродукцијата „Гради“ е црногорски кандидат. Филмот ги следи Ана (Марија Шкаришиќ), Зорка (Нада Шаргин) и Јелена (Дубравка Дракиќ), кои се среќаваат во нивниот роден град на 25-годишнината од дипломирањето. Трите жени живеат во три различни земји по распадот на Југославија и секоја има различен, но сериозен проблем со градите. „Гради“ е копродукција на Црна Гора, Хрватска и Србија, снимен според истоимената наградувана серија.
Хрватски кандидат за наградата на Американската филмска академија е филмот „Дополнителна настава“ на режисерот Иван Горан Витез. Филмот минатата година веќе играше во Америка, на фестивалите во Чикаго и Палм Спрингс.

Босна и Херцеговина влегува во трката со филмот „Каде одиш, Аида?“, меѓународен копродукциски воен филм во режија на Јасмила Жбаниќ, која го има напишано и сценариото за филмот. Сместена во 1995 година, оваа драма ја следи преведувачката која работи за Обединетите нации, Аида, која се обидува да го спаси своето семејство откако е заземен градот Сребреница и откако почнува етничкото чистење на бошњачкото население на тоа подрачје. Филмот дебитира во Венеција, а беше прикажан и во Торонто.
Словенечки претставник е „Приказни од шумата од костени“ во режија на Грегор Божиќ. Премиерата во Торонто во 2019 беше хит, филмот играше во Талин на „Црни ноќи“, во Глазгов и Шангај, а лани ги освои и сите 11 награди за кои беше номиниран на Словенечкиот филмски фестивал.
Србија последна го избра својот кандидат, „Дара од Јасеновец“ од Предраг Антонијевиќ. Дејството зборува за страдањата на српските деца во концентрациониот логор Јасеновец во текот на Втората светска војна. Филмот е емотивно силна драма која се занимава со историска траума, нудејќи пред сè почит кон жртвите.



Кина и Русија - сериозни конкуренти

Филмот на славниот Андреј Кончаловски, „Драги другари!“, е руски кандидат за „Оскар“. Светската премиера на новиот филм на Кончаловски беше на Венецискиот фестивал, на кој режисерот ја доби специјалната награда на жирито. Драмата снимена во црно-бел формат доби и награда за најдобра режија на Чикашкиот филмски фестивал. Со филмот „Драги другари!“, Андреј Кончаловски ги продолжува своите патишта низ историјата. Откако се занимаваше со холокаустот во филмот „Рај“ и со добата на ренесансата, видена низ животот на Микеланџело, во филмот „Грев“ режисерот се враќа во Русија, односно во Советскиот Сојуз и трагичните настани во градот Новочеркаск. Дејството се заснова на вистинските настани од 1962 година и ја следи приказната за тоа како мирните протести на работниците завршуваат со излегување на војската на улиците и со крвава пресметка со штрајкувачите.
Кончаловски одлучил да го сними филмот во црно-бел формат за да го нагласи фактот дека она што се случувало одамна е погребано во архивите. „Драги другари“ потсетува на патување низ учебниците по историја, во кои црните букви на бела хартија добиваат нова димензија и човечка форма. Руските филмови досега трипати се наградувани со „Оскар“: „Војна и мир“ на Сергеј Бондарчук (1968), „Москва не им верува на солзите“ на Владимир Мењшов (1981) и „Лажливо сонце“ на Никита Михалков (1994), кога противкандидат му беше нашиот Манчевски со „Пред дождот“.

Кина, пак, номинира спортска драма за одбојкарскиот тим. Филмовите со спортска тематика често и релативно лесно освојуваа номинации и награди. Од „Гордоста на Јенкис“ во далечната 1942 година до „Хастлерот“ со Пол Њуман, „Роки“ од 1976 година, „Бесниот бик“ на Скорсезе, одличната бајка за филм за бејзбол „Поле на соништата“ со Кевин Костнер, до модерните напнати спортски драми „Девојка од милион долари“, „Боксер“, „Слепа страна“, „Манибол“... Академијата има долга историја на наклонетост кон спортските теми.

Од друга страна, во конкуренцијата на филмови од неанглиско подрачје ретко се наоѓале „спортските“ филмови. Оваа година е исклучок. Кина објави дека годинашен кандидат ќе биде филмот „Скок“, вистинска приказна за националната одбојкарска репрезентација и нејзината борба за светскиот врв со децении. Приказната се врти околу легендата Ланг Пинг. Да се предвидат евентуалните пет номинации за најдобар странски филм, бара голема посветеност. Од воведувањето на оваа категорија во 1957 година, европските филмови доминираат со 52 победи. Четири победи имале филмовите од Азија, три од Африка и Јужна Америка и по едно филмско дело од Канада и од Мексико. Минатата година рекордни 93 земји поднесоа учество во трката за странски игран филм.
Меѓу кандидатите годинава се и филмовите на славната чешка режисерка Агњешка Холанд, „Шарлатан“, новиот филм на култниот дански режисер Томас Винтерберг (кој по филмот „Прослава“ стана еден од најпопуларните и најценети режисери на данската кинематографија), Филипинецот Брилијанте Мендоза, миленик на Канскиот филмски фестивал и др.



Четврти филм на Манчевски во трката

Светската перцепција на македонскиот филм еднаш одамна се промени со „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, кој со своето појавување меѓу петте номинирани отвори многу порти, иако тогаш „Оскарот“ замина во Москва наместо во Скопје (наградата ја доби рускиот великан Никита Михалков). Филмот „Врба“, по неговиот филм „Пред дождот“ што во 1995 ѝ ја донесе на Македонија првата номинација за „Оскар“ за најдобар странски филм, е четврти филм-кандидат за наградата на Манчевски, заедно со неговите „Сенки“ и „Мајки“.

Деведесет и третото доделување на „Оскарите“, поради пандемијата на Ковид-19, е поместено од вообичаениот термин во февруари за 25 април 2021 во Лос Анџелес, а номинациите ќе бидат објавени на 15 март.
Подготвил: Весна Дамчевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема