X
 03.04.2019 Живот

Касетите се враќаат на голема врата!

Француска компанија отвори нова фабрика за производство на касети по порастот на побарувачката за ретро музичката форма од страна на уметниците, меѓу кои и Аријана Гранде и Џастин Бибер.

Познати на сите оние што растеле во 80-тите и 90-тите години, касетите би можеле да се вратат во мода откако познатите пејачи ќе ги издаваат албумите во ваков вид формат.

„Reputation“ на Тејлор Свифт, „4:44“ на Џеј Зи, „Lust For Life“ на Лана дел Реј, како и музиката од филмот „Чувари на галаксијата“ се понудени на касета и во цеде-формат и се продаваат одлично.

Токму затоа француската компанија „Мулан“ ја искористи можноста и го „рестартира“ производството и стана првата фабрика што произведува касети по две децении. Компанијата ќе произведува аналогни аудиокасети под трговската марка „Рекординг д мастерс“.

За Жан Лук Рено, извршниот директор на „Мулан“, сè уште постои место за аналогниот звук во денешниот минлив музички свет.

1
Фото: AFP

- Земете го за пример греењето: имате радијатори дома. Удобно е, дигитално - но имате можност и да се греете на добар оган. Целта е задоволството. Тоа е касетата или винилот - рече тој.

Компанијата продава ленти за 3,49 евра, произведувајќи ги во илјадници примероци и извезувајќи 95 отсто во светот, вели комерцијалниот директор Тео Гардин, кој со само 27 години е премлад за да ги има искусено радостите и болките од личниот „вокмен“ и деликатната лента во касетата што се заплеткуваше и се намотуваше, на пример, со пенкало или прст.

Партнер во бизнисот на „Мулан“ е националната аудиокомпанија во Српингфилд, Мисури, САД, која исто така повторно почна да произведува касети.

- Мислам дека касетите имаат светла иднина. „Починаа“ во 2000 година, но оттогаш се враќаат на голема врата - вели Стив Степ, кој ја основал компанијата.

Продажбата на касетите во САД пораснала за 23 отсто во 2018 година, според „Нилсен Мјузик“, која скокнала од 178.000 копии на 219.000. Ова не е ништо во споредба со продажбата во 1994 година на 246 милиони албуми со касети.

- Како постара личност, не сакам да го замислам светот без аналоген звук. Светот е аналоген; нашите уши се аналогни. Дигиталните снимки се чисти и остри, но нема хармоничност. Тие се дигитални слики на аудиоснимки - вели Степ.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот