X
 17.03.2022 Забава

Цедето не е мртво: првпат по 17 години пораснала продажбата

Деновиве сите слушаат музика на интернет, но очигледно компакт-дисковите познати како цедиња не се мртви. Според официјалните податоци од Американската асоцијација за индустријата на снимање, приходите од продадени цедиња пораснале за 21 отсто, на 584 милиони долари во 2021 година. Ова е прв пораст на приходите од продажбата на цедиња во САД од 2004 година.

Од Асоцијацијата изјавиле дека многу продавници за цедиња повторно се отвориле и уметниците продавале музика откако пандемијата стопирала сѐ во 2020 година. Истовремено, и продажбата на плочи расте, но ова е тренд кој се забележува веќе 15 години. Приходите од продажба на плочи во САД се зголемиле за 61 отсто во 2021 г., достигнувајќи 1 милијарда долари. Претходно овој приход бил забележан во 1986 година.

Вкупните приходи од музика на секакви физички уреди изнесувале 1,66 милијарда долари во САД минатата година. Единствениот формат на снимена музика кој забележал пад на приходите минатата година бил дигиталниот. Продажбата се намалила за 12 отсто, на 587 милиони долари.

Во меѓувреме, расте популарноста на платформите за слушање музика чии вкупни приходи се зголемиле за 23,8 отсто, на 12,4 милијарди долари минатата година. Овој формат заработува најмногу приходи, односно 83 отсто од вкупните приходи од музиката во САД.

Извор: Yahoo movies
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава