„Универсал пикчрс“ објави дека го менува датумот на објавување на филмот „Злобна“ (Wicked) од среда, 27 ноември 2024 година, за петок, 22 ноември 2024 година, и ќе има премиера на истиот ден со долгоочекуваното продолжение на Ридли Скот, „Гладијатор 2“.
Објавувањето на двата филма во ист ден е ист потег како минатогодишното сценарио „Барбихајмер“, кога беа објавени „Барби“ на Грета Гервиг и „Опенхајмер“ на Кристофер Нолан, и тоа и двата филма беа објавени на 21 јули 2023 година.
„Барби“ и „Опенхајмер“ заедно заработија повеќе од 240 милиони долари во домашните киносали уште во првиот викенд од прикажувањето - четвртиот најголем викенд за заработка на благајните на сите времиња. На крајот, „Барби“ победи заработувајќи речиси 1,5 милијарди долари на меѓународно ниво во споредба со 975 милиони долари на „Опенхајмер“ (сè уште многу импресивно). Но, токму „Опенхајмер“ преовлада на „Оскарите“, земајќи седум трофеи, вклучително и за најдобар филм, додека „Барби“ зеде само еден, за најдобра оригинална песна.
Со оглед на огромниот успех на „Барбихајмер“, не е ни чудо што „Злобна“ (Wicked) и „Гладијатор 2“ сакаат да повторат дел од таа магија. И овие два филма се естетски спротивставени. Заснован на големиот хит на Бродвеј, мјузиклот „Злобна“ ги има добитничката на Еми, Греми и Тони, Синтија Ериво, и добитничката на Греми, поп-сензацијата Аријана Гранде во главните улоги, како вештерките Елфаба и Глинда. Втората половина од сагата Wicked треба да се појави во кината на 26 ноември 2025 година.
„Гладијатор 2“, од друга страна, е долгоочекуваното продолжение на добитникот на „Оскар“ - „Гладијатор“ на Скот. Продолжението го следи Луциус, ликот на актерот Пол Мескал, внук на поранешен римски император и неговото ривалство со римскиот генерал Акакиј (Педро Паскал). Во филмот играат и Дензел Вашингтон, Фред Хехингер и Кони Нилсен, повторувајќи ја нејзината улога како Лусила - мајката на Луциус, од оригиналниот филм.
Не се знае дали ќе доминира „Викедијатор“ или „Гладикед“ како израз на ова „спојување“.
Извор: vanityfair.com
Фото: YouTube screenshot