Иако била најдобра студентка во генерацијата на Одделот за руски и српски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет во Бања Лука и имала просек 9,89, Галина-Марија Вукајловиќ не може да најде работа.
За да заработи пари, таа продава книги на учичен штанд во Бања Лука бидејќи досега конкурирала за голем број работни места, но не успеала да се вработи.
-Невработена сум откако го завршив факултетот, тоа беше во октомври 2017 година. Постојано правам нешто, се снаоѓам, држев курсеви во Модрича три месеци, сега тука работам околу 20-ина дена, воглавно држам приватни часови по руски јазик, преведувам некои текстови, но тоа е одвреме-навреме - вели Галина-Марија.
Таа додава дека немала илузии за лесно наоѓање на работа по струка. Сепак, признава дека е разочарана поради залудното конкурирање.
-Кога се запишував на факултет, не сметав многу дека ќе има работа во училиштата, се надевав дека ќе има место во некои компании, организации, затоа што сѐ повеќе руски компании доаѓаат тука, така што сѐ уште се надевам дека тука би можело да се направи нешто. Но, се обидував и тука и за жал никој не ми се јави - раскажува Вукајловиќ.
Додека чека купувачи и сонува за климатизирана просторија, таа ја чита „Катедрала на морето“ од Илдефонсо Фалконес, а ја препорачува „Нов Ерусалим“ од Борислав Пекиќ.
Според податоците од босанската државна Агенција за труд од мај годинава, во БиХ има 475.000
невработени.