Научниците потврдија дека е откриен минерал кој никогаш порано не бил виден во природата. Минералот бил пронајден покрај пат во зафрлен австралиски град каде што владеела златна треска. Во старите денови Ведербурн бил центар за трагачи по злато, но никој никогаш не видел грутка како оваа.
Метеоритот од Ведербурн, пронајден североисточно од градот во 1951 година, бил мало 210-грамско парче чуден вселенски камен кој паднал од небото. Со децении научниците се обидувале да ги дешифрираат неговите тајни, па истражувачите штотуку декодираа една.
Во студија предводена од минералогот Чи Ма, научниците го анализирале метеоритот и го утврдиле првото природно појавување на она што го нарекуваат „едскотит“ - ретка форма на железо-карбиден минерал кој никогаш не бил пронајден во природата.
Поради тоа што метеоритот доаѓа од вселената, црвено-црниот камен е испитуван од голем број истражувачки тимови до таа мера што само околу една третина од оригиналниот камен сè уште е недопрена и се чува во музеј како дел од геолошка колекција. Останатото е однесено во серии парчиња кои биле извлечени за да се анализира составот на метеоритот. Тие анализи открија траги на злато и железо и поретки минерали. Сега на листата можеме да го додадеме и едскотитот.
Откривањето на едскотитот (кој го добил името во чест на експертот за метеорити и космохемичарот Едвард Скот) е значајно затоа што никогаш порано не сме имале потврда дека оваа карактеристична атомска формулација може да се појави природно. Таквата потврда е важна затоа што е неопходна за минералите официјално да бидат признати како такви од Меѓународната минералошка асоцијација.
Синтетичка верзија на железо-карбидниот минерал е позната со децении и таа се добива за време на топењето на железото. Но, благодарение на новите анализи на Чи Ма и на геофизичарот Алан Рубин, едскотитот сега официјално е член на минералниот клуб.
Како завршил во рурален Ведербурн, не е јасно, но според планетарниот научник Џефри Бонинг од Австралискиот национален универзитет, кој не бил вклучен во студијата, минералот можеби се формирал во кора на античка
планета.
Многу одамна таа планета што создавала едскотит можеби била жртва на некаков вид колосален космички судир - во кој била вклучена друга планета или месечина или астероид - и била распарчена, а парчињата се разлетале низ времето и просторот, смета Бонинг. Се смета дека милиони години подоцна еден таков фрагмент слетал кај Ведербурн и нашето разбирање за универзумот е побогато.