X
 05.05.2020 Живот

Горат големи делови од Сибир

Пролетта дојде на северната хемисфера. Време е да се спакуваат зимските јакни и да се ужива во сонцето. Но, сѐ потоплото време може да донесе и пожари, а во Сибир и далечниот исток на Русија ситуацијата веќе изгледа прилично страшно.

Рускиот министер за вонредни ситуации Евгени Зиничев истакна дека во Краснојарск на 27 април горела 10 пати поголема територија во споредба со истиот период лани, додека во Трансбајкал три пати повеќе, а во Амурската област 1,5 пат повеќе.

Само во трансбајкалскиот регион изгорени се 200.000 хектари - област поголема од целиот остров Мауи во Хаваи.

Според властите, причините за пожарите се различни, вклучувајќи и земјоделски потпалувања излезени од контрола, подметнати пожари и запоставени логорски огнови.

- Луѓето се самоизолираа во природа и заборавија на правилата за безбедност. Во некои региони температурата веќе е околу 30 Целзиусови степени и луѓето едноставно не можат да останат дома. Луѓето излегоа и како резултат на тоа имаме изблик на топлински точки - истакна Сергеј Аноприенко, прв човек на федералната шумарска агенција Рослескоз.


Сателитот „Тера“ на НАСА направи фотографии од некои пожари на 27 април.

Фото: Science Alert

Моментално во областа има невообичаено топло време и силни ветришта, што како што неодамна видовме во Австралија, е опасна комбинација.

НАСА извести дека ветриштата на 23 април предизвикале многу од пожарите искористени од мештаните за сушење на тревата да излезат од контрола.

- Регионите Кемерово и Новосибирск, меѓу другите, се најтешко погодени. Девет сибирски региони се погодени од овие пожари. Облаци од чад се проширија над Сибир - стои во објаснувањето на НАСА.


Научниците покажаа дека како што глобалната просечна температура продолжува да расте и можеме да видиме и повеќе јаглероден диоксид во нашата атмосфера, така овие шумски пожари ќе продолжат да стануваат просечно поголеми, поопасни и почести.

Веќе видовме некои прилично интензивни шумски пожари во Сибир во 2017 и 2019 година и географот Томас Смит од лондонската Школа за економија вели дека во Русија моментално горат 2 милиона хектари прерија и шума - што не е далеку од страшните бројки од јули минатата година. А уште е мај.

Аноприенко предупреди дека е многу рано за такви бројки. Тој објаснува дека до 28 април минатата година во трансбајкалскиот регион биле изгорени 382.000 хектари. Оваа година областа веќе има 477.000 изгорени хектари.

Ова веројатно е само почетокот на уште една интензивна сезона на пожари на северната хемисфера. Во Калифорнија зимата беше посува од просекот, а Европа веќе искусува особено топло време.

- Во мај-јуни обично почнува опасен период во Сибир... Можеме да продолжиме да зборуваме долго време за прогнозите, но ситуацијата со пожарите буквално ќе зависи од нас и вас, од тоа како ќе се однесуваме - порачува Аноприенко.


Тоа веројатно треба да биде лекција за сите нас.

Извор: Science Alert
Насловна фотографија: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот