Езерото Хилиер се наоѓа на островот Мидл во близина на јужниот брег на Западна Австралија. Долго е 600 метри, широко 250 метри и е исклучително солено - околу осум пати посолено од океанот.
Скот Тај од Универзитетот „Вермонт“ во Бурлингтон се заинтересирал за езерото Хилиер откако го видел на телевизиска програма.
- Мислев дека е неверојатно. Морав да одам таму, да земам примероци и да го проучам - рекол тој.
Скот Тај е коосновач на ХМП, меѓународна програма за генетско профилирање на екстремни средини во светот и откривање нови и интересни микроорганизми.
Работел со Кен Мекграт од „Микроб“, компанија за микробиолошка геномика во Бризбејн, Австралија, кој го посетил езерото Хилиер и собирал примероци од водата и седиментот. Тај, Мекграт и нивните колеги ги анализирале примероците користејќи техника наречена метагеномика, во која целата ДНК во примерокот од животната средина се секвенционира одеднаш, а моќните компјутери потоа поминуваат низ процесот на извлекување на геномите на одделните микроби.
Нивната анализа открила дека езерото Хилиер содржи речиси 500 екстремофили - организми кои напредуваат во екстремни средини, вклучувајќи бактерии, археи, алги и вируси. Повеќето биле халофили, подгрупа на екстремофили кои толерираат високи концентрации на сол.
Меѓу овие халофили имало неколку разнобојни микроорганизми, како што се виолетовите сулфурни бактерии, „салинибактер рубер“, кои се црвено-портокалови бактерии и црвената алга наречена „Дуналиела салина“. Мешавината од овие микроорганизми ја објаснува розовата боја на езерото, вели Тај.
- Причината зошто овие микроорганизми се шарени можеби е тоа што виолетовите, црвените и портокаловите пигменти што ги содржат, познати како каротеноиди, обезбедуваат заштита од екстремна соленост. Некои од микроорганизмите откриени во езерото Хилиер се нови за науката, па допрва треба да бидат целосно карактеризирани - заклучил Тај.
Извор: n1info.hr
Фото: Platform X