Родителите на тинејџери што користат „Чет-ГПТ“ наскоро ќе можат да добијат известување ако апликацијата процени дека нивното дете се соочува со интензивен стрес.
Ова е дел од низата родителски контроли што ги најави „Опен АИ“, компанијата која го разви овој чет-бот.
Безбедноста на младите корисници се најде во центарот на вниманието минатата недела откако еден пар од Калифорнија поднесе тужба против „Опен АИ“ тврдејќи дека „Чет-ГПТ“ го охрабрувал нивниот 16-годишен син да си го одземе животот.
„Опен АИ“ најави дека во следниот месец ќе воведе засилена заштита за тинејџери.
Кога минатата недела се појавија информациите за тужбата, „Опен АИ“ објави известување на својата веб-страница дека „Чет-ГПТ“ е обучен да ги насочува луѓето кон професионална помош кога имаат проблем. Сепак, компанијата призна дека имало моменти кога нивните системи не се однесувале како што било предвидено.
Сега „Опен АИ“ објави дополнително ажурирање со дополнителни мерки кои ќе им овозможат на родителите да ја поврзат својата сметка со сметката на нивното дете, да управуваат со функциите кои сакаат да ги оневозможат, вклучувајќи меморија и историја на разговори и да добиваат известувања кога системот ќе открие дека нивното дете се соочува со интензивен стрес.
„Опен АИ“ истакнува дека при процената на стресот кај детето, оваа функција ќе ја водат експерти.
Компанијата соработува со специјалисти за развој на младите, ментално здравје и „интеракција човек-компјутер“ со цел да создаде визија базирана на докази за тоа како вештачката интелигенција може да ја поддржува благосостојбата на луѓето и да им помага да напредуваат.
Корисниците на „Чет-ГПТ“ мора да имаат најмалку 13 години, а ако се помлади од 18, потребно е одобрение од родител за користење.
Тужбата поднесена минатата недела во Калифорнија од Мет и Марија Рејн, родителите на 16-годишниот Адам Рејн, е првото правно дејство што ја обвинува компанијата за самоубиството на нивниот син.
Тие тврдат дека програмата ги потврдувала неговите штетни и самоуништувачки мисли.
Извор:
BBC
Фото: Freepik