Раните фази на нарушување на личноста можат да се согледаат веќе од 2-годишна возраст, тврди неодамнешна студија, објавена во списанието „Психологија денес“.
Следејќи го развојот на 731 дете од 2-ра до 10-та година од животот, професорката по психологија од универзитетот во Мичиген, д-р Ребека Валер, дошла до заклучок дека децата кои не чувствуваат вина за своето однесување, не го менуваат ниту по родителската казна, често влегуваат во судир со другите деца, уништуваат играчки и предмети во домот и имаат напади на бес. Сето тоа доведува до нарушување на личноста. Тоа важи и за оние 2-годишни деца кои не сакаат да ги делат своите играчки по никоја цена, лажат, но и малтретираат животни.
Психолозите оценуваат дека резултатот какво ќе биде детето, најмногу зависи и од стилот на воспитување, односно од родителите. Важно е детето да добие санкции за лошото однесување, а важно е и да добие пофалба и внимание кога ќе направи нешто добро. Психолозите не се согласни во врска со нарушувањето на личноста, бидејќи некои сметаат дека се наследува, а некои дека зависи од воспитувањето. Но, можеби вистината е некаде на средина.
Како треба да се постапува? Многу е веројатно дека детето на кое се му е дозволено и не се поставени граници, да развие нарушување на личноста. Родителите често ги разгалуваат своите деца, наместо да ги воспитуваат, сметаат психолозите. Последиците од таквото однесување се големи, па ако детето постојано добива се што ќе посака, тоа ќе мисли дека и од другите луѓе, кога ќе порасне, треба да добива се.
Психолозите советуваат границите да се постават на време, бидејќи детето во пубертет често развива вербално и физичко насилство. Последиците во тој период се многу посериозни, отколку кога детето е малечко. Заради лошото однесување на детето, трпи и семејството. Ако границите не се постават до пубертетот, тогаш битката во поголемиот дел од случаи е изгубена.
Бројни истражувања потврдуваат дека постојат многу јасни врски помеѓу однесувањето на детето во многу рано детство и неговата структура на личноста во возрасно доба. Студиите за криминално однесување, покажуваат дека постои голема веројатност, бесчувствителните, неемотивни и тврдоглави 3-годишни деца со проблеми во однесувањето, да пораснат во лица со антисоцијално нарушување на личноста.
Голем дел од нашата структура на
личноста е формиран од гените. Но, остражувањата исто така покажале дека она што ни е дадено во генетскиот пакет може да се промени со помош на многу љубов и позитивни техники на дисциплина. Што значи, се потврдува дека родителското однесување е пресудно, сметаат психолозите. На децата кои покажуваат знаци на нарушување на личноста, постојано треба да им се покажуваат позитивни примери и да му се пружа љубов во неограничени количини.