На жителите на Тајланд им олесна откако спасувачките тимови соопштија дека ги нашле живи сите 12 момчиња и нивниот фудбалски тренер во пештера во Тајланд, по девет дена од нивното исчезнување.
Спасувачите во Чијанг Раи, на северот од Тајланд, се радуваа откако беше кажано дека британските нуркачи во пештери воспоставиле контакт со момчињата длабоко во пештерата.
Тајландската морнарица објави снимка на „Фејсбук“ на која е прикажан моментот кога била пронајдена групата. На снимката може да се види како момчињата се осветлуваат со батерија, а може да се слушне и еден нуркач како им зборува. Еден од британските спасувачи притоа прашува колку биле во групата, а момчињата одговараат 13.
- Тринаесет, одлично - вели потоа нуркачот.
Момчињата, несвесни колку долго биле заробени длабоко под земја, прашуваат кој ден е.
- Понеделник е, овде бевте десет дена, десет дена. Вие сте многу силни, многу силни. Еве доаѓаме - вели спасувачот.
Момчињата постојано му кажуваат дека се гладни и дека им треба храна. Спасувачот одговара дека ќе дојде тим од морнарицата и ќе донесе храна и лекари.
Момчињата, кои се на возраст од 11 до 16 години, се членови на фудбалскиот тим „Див вепар“. Во пештерскиот систем влегле на 23 јуни, но се заглавиле во темните тунели поради изненадниот порој. На нивното спасување работеа меѓународни спасувачки тимови од повеќе земји, кои се трудеа да стасаат до голема длабока комора неформално позната како Патаја бич, каде што се веруваше дека се заслонале момчињата.
Спасувачите беа фокусирани на Патаја бич, претпоставувајќи дека момчињата и нивниот тренер ќе одат таму за да избегаат од надојдената вода, но и Патаја бич била под вода. Нуркачите продолжиле уште 300 до 400 метри понатаму и го нашле тимот сместен на каллива стрмнина.
Момчињата биле пронајдени на околу два километра во пештерата и околу еден километар под земјата. Но, опасноста не е целосно елиминирана бидејќи иако понеделникот беше релативно сув, денес пак има дожд и големи пумпи работат на намалување на нивото на водата во пештерата. Плановите се внатре да се испрати медицински тим и да се внесе воздух со пумпа, а потоа децата ќе се обучуваат како да нуркаат. Може да поминат денови пред децата да бидат извадени од
пештерата.