На огромното акумулациско езеро Вилистон во Британска Колумбија е забележана глетка која ги вчудовиди и мештаните и научниците - во езерото се појави цел остров прекриен со зелени дрвја и друга вегетација.
Глетката прв ја сними Роки Ејвери и ја објави на социјалните мрежи. Формацијата повеќе личи на масивен природен сплав отколку на вистинско копно. На неа растат оформени дрвја, додека под зелената површина се наоѓа густ слој од испреплетени гранки и дрвен отпад кој ја држи целата конструкција на вода. Поради сè поголемото присуство на снимки генерирани од вештачка интелигенција, во автентичноста на оваа појава во почетокот се посомневаа и од компанијата „Би-си хаидро“, која управува со акумулацијата.
- Ова е нешто за што никогаш порано не сме слушнале - изјави портпаролот на компанијата, Боб Гамер, додавајќи дека поради големината на езерото, било многу тешко да се лоцира објектот.
Сателитите потврдија дека островот е вистински
Дека необичната појава не е интернет-измама потврдија истражувачите и компанијата „Би-си хаидро“ со анализа на јавно достапните сателитски снимки во рамките на системот „Коперникус“. На снимката на сателитот „Сентинел-2“ на Европската вселенска агенција од 21 јули јасно се гледа мала зелена површина слична на остров, на околу 100 километри западно од браната.
Островот подоцна се помести, а Ејвери објави дека повторно е забележан во реката Оспика, која се влева во езерото Вилистон. Авторот на снимката најавува дека планира подводно снимање за точно да се утврди составот на оваа маса.
Како настана овој остров?
Иако точниот механизам сè уште не е целосно разјаснет, клучната причина веројатно лежи во фактот што езерото Вилистон оваа година првпат по 14 години го достигна својот максимален водостој. Експертите од компанијата „Би-си хаидро“ претпоставуваат дека островот со години се формирал покрај самиот брег или во некој заштитен залив. Кога водостојот нагло пораснал поради испуштањето вода преку браната во текот на јуни и јули, високата вода ги подигнала натрупаниот материјал и органската маса со дното и дрвјата, ги одвоила од брегот и ги лансирала во слободна пловидба. Иако овој мистериозен остров не ја загрозува работата на браната, издадено е предупредување за сопствениците на чамци и риболовците на седмата најголема акумулација во светот, бидејќи масивната пречка претставува сериозна опасност за пловидбата.
Фото: принтскрин/јутјуб