Луксузните одморалишта на плажите на Малдивите можеби се светски познати, но растот на нивото на океаните го загрозува нивното постоење.
Повеќе од 80 отсто од островите - од оние 1.200 што ги сочинуваат Малдивите - имаат надморска височина помала од еден метар. Затоа Малдивците цврсто решија да возвратат на ударот за да опстојат - создавајќи град од 21 век наречен „Град на надежта“ на нов вештачки остров наречен Хулхумале.
Користејќи милиони кубни метри песок испумпан од дното на морето, мелиорацијата помогнала новиот остров да се издигне повеќе од два метра над морското ниво. Првата фаза започнала уште во 1997 година. До крајот на 2019 година повеќе од 50.000 лица веќе живееле на Хулхумале. Но, амбициите за новиот остров се многу поголеми од тоа. На крајот е замислено до средината на 20-тите години на 21 век да прими повеќе од 240.000 луѓе во беспрекорно дизајниран стил на живот.
- Хулхумале е смислен врз основа на внимателно разгледување на климатските промени во неговата архитектура и заедниците. Градбите се ориентирани во насока север-југ за да се намали загревањето и да се подобри топлотната погодност. Улиците се смислени така што да го оптимизираат налетот на ветрот, намалувајќи ја зависноста од климатизација. А училиштата, џамиите и парковите се на 100-200 метри оддалеченост пеш од станбените населби, со што се намалува употребата на автомобили - објаснува Арин Ахмед, директор на бизнис-развој при Корпорацијата за станбен развој, која ја надгледува изградбата.
Електричните автобуси и велосипедските патеки исто така се дел од новиот градски пејзаж. Дизајнерите на островот сакаат третина од неговата енергија да се добива од соларна енергија и да ги користат дождовите за снабдување со вода.
Но, дали самиот чин на изградба на вештачки остров е нешто што е штетно за животната средина - особено на место кое е славно по коралните гребени и беспрекорните плажи од бел песок?
- Особено е проблематична работата на мелиорацијата. Не само што тоа може да ги уништи коралните гребени туку и создава бескрајни виори на талог, кои патуваат до други корални платформи. Талогот ги прекрива коралите и ја блокира сончевата светлина, што влијае врз нивната способност за хранење, раст и репродукција - објаснува Холи Ист од Катедрата за географија и еколошки науки на Универзитетот „Нортамбрија“, експерт за острови со корални гребени.
Но, со сѐ поголемиот раст на бројот на жители мелиорацијата стана прост факт на животот на Малдивите. Една олеснителна околност би можела да биде тоа што, според извештај на Светската банка од оваа година, поширокиот регион Малеа, особено во Хулхумале, нема значителни природни биотопи, а коралните гребени главно пропаднале.
И додека Хулхумале првично е осмислен така што да ги унапреди животите на Малдивците, тој исто така го трасира патот кон изградба на острови кои би можеле да станат нова надеж за човештвото во ера на климатски промени.
Извор и насловна фотографија:
Би-би-си на српски