Американската сојузна држава Њујорк неодамна ја зголеми паричната казна за прегласен ауспух од 150 на 1.000 долари благодарение на нов закон. Законот наречен „SLEEP Act“ (Stop Loud and Excessive Exhaust Pollution - Стоп за гласното и претерано загадување од ауспусите) бил спонзориран од државниот сенатор Ендрју Гунардис, а бил потпишан од гувернерката Кети Хокул.
- Денес жителите низ државата можат да здивнат знаејќи дека навечер нема да ги будат претерано гласните ауспуси и издувни системи. Ова е прашање за квалитетот на животот и јавната безбедност кое ја мачи нашата заедница без логична причина освен едноставното создавање бучава. Сега кога законот за спиењето е потпишан, можеме да ги отстраниме овие бучни возила од нашите улици - истакна Гунардис.
Според податоците на Њујорк, ова е проблем што станува сè поголем. Жалбите за бучавата кои се однесуваат на сите возила пораснале од 12.402 во 2011 г. на 43.064 во 2019 година. Од почетокот на пандемијата жалбите се дуплирале на 81.000 во 2020 година. Државните застапници истакнуваат дека предлог-законот е и обид за потиснување на илегалните улични трки, сметајќи дека гласниот ауспух е поврзан со нив.
Со усвојувањето на законот, Њујорк стана американската држава со најстрога казна, додека на второто место е Колорадо со 500 долари. Треба да се напомене дека цел на предлог-законот се и трговците што продаваат илегални издувни системи и механичарите кои се фатени како ги инсталираат во возилата.
Извор:
Jutarnji
Насловна фотографија: Unsplash