X
 01.12.2019 Технологија

Не ги почитуваат сообраќајните правила и им ја крадат работата на луѓето: Њујорк ги протера роботите од улиците

Кога станува збор за роботи што возат наоколу, неуморно доставувајќи пакети, кој не би бил обожавател? Но, се чини дека градот Њујорк не е воодушевен од идејата.

Ботовите на „Федекс“, чија задача е да доставуваат пакети до вратата на клиентите, се појавија низ градот минатата недела.

Роботот Роксо на „Федекс“, во рамките на услугата „Федекс сејмдеј ботс“, е задолжен да ја достави испораката истиот ден кога клиентите ќе порачаат нешто. Како и другите компании што тестираат роботи што треба да ги заменат луѓето, и „Федекс“ вели дека нивните автономни роботи ќе создадат нови работни места, а ќе се користат за да се зголеми оперативната ефикасност.

Иако роботите немаат дозвола за тестирање во Њујорк, неодамна беа видени како шетаат по улиците. На некои граѓани оваа глетка воопшто не им се допадна, а не им се допадна ниту на регулаторните тела. Нивните адвокати веднаш реагирале и испратиле предупредувачко писмо до „Федекс“ во кое ги предупредуваат веднаш да ги отстранат роботите од улиците. Поточно, пред законот, Роксо крши повеќе правила во сообраќајот - на моторизираните возила им е забрането да се движат по тротоарите, а при управување на ваквите возила едната рака секогаш треба да биде на управувачот.

- Роботите на „Федекс“ не само што ќе им ги одземат работните места на вредните њујорчани, туку и ќе претставуваат опасност на нашите улици - изјави Вил Баскин-Гевиц, портпаролот на градоначалникот.

- Се надеваме дека писмото ќе му стави крај на овој експеримент, но подготвени сме да преземеме дополнителни чекори ако „Федекс“ не ги тргне од улиците - додава тој.

Доколку роботите повторно се појават на улиците на Њујорк, од канцеларијата на градоначалникот се најавени санкции и казни, вклучувајќи и заплена на имот, што би можело да се толкува и како апсење на роботите.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија