X
 03.12.2019 Образование

Адеми: Ова се најдобри резултати на ПИСА, имаме најголем скок

Министерот за образование и наука Арбер Адеми на прес-конференција денеска изјави дека резултатите што македонските ученици ги постигнаа на меѓународното ПИСА-тестирање се најдобри досега. Овие резултати, според Адеми, се значително подoбри од оние што нашата земја ги постигна на изминатите две тестирања.

- Организаторот на ПИСА потврди дека сме една од земјите со најголем напредок помеѓу две тестирања, односно со највисок скок. Конкретно, во областа читање со разбирање учениците од Северна Македонија го остварија највисокиот скок, односно се на прво место по напредок, во областа на природните науки на второ место и на трето место во областа математика - изјави Адеми.



Тој ги спореди резултатите остварени во 2015 година и 2018 година.
- Резултатите за читање се подобрени за 41 поен, односно од 352 поени во 2015 година сега имаме 393. По природни науки се зголемени за 29 поени, а за математика за 23 поени. Ние сме на 62. место по природни науки, на 66. место по читање, и на 67. место по матемaтика. Ова покажува дека во сите области имаме значителни подобрувања, односно подобрување на постигнувањата на учениците. Ценам дека напредокот во постигнатите резултати е плод на суштинските промени што се направија во изминатиот период во областа на образованието преку еден инклузивен пристап со учество на сите засегнати чинители. Особено ќе го истакнам воведувањето на новите наставни програми и учебници со значително подобрена содржина - истакна министерот.

Тој рече дека се движиме на прав пат, да создадеме квалитетен и конкурентен национален образовен систем, а најави и официјално учество и на ПИСА-тестирањето во 2021 година.
На новинарско прашање на што се должи сепак слабиот резултат зашто имаме потпросечни резултати и сме на 67. место од 77. земји во светот според читање, Адеми рече:
- Не можеме преку ноќ да бидеме меѓу првите или меѓу 10. земји на светската ранг-листа. Ова е сепак значителен напредок, споредено со резултатите од 2015 година - изјави Адеми.

Македонија е на 11. место одназад на меѓународнотo тестирање ПИСА за постигнувањата на ученици на 15-годишна возраст по јазична писменост, математика и природни науки. Тоа е за неколку места погоре за разлика од тестирањето во 2015 година, кога бевме меѓу последните земји. Но, македонските ученици повторно се далеку под просекот според постигнувањата во сите категории. Прва на листата е Кина. Од регионот најдобри резултати има Словенија, која е на 11. место, а најслабо котира Косово. Македoнија е на 68. место според постигнатите поени (393). За математика имаме резултат од 394, а просекот на ОЕСД е 489. За наука македонските ученици имаат постигнувања од 413, а просекот на ОЕЦД е 489. Со читањето имаат просек од 393, а просечната оцена за ОЕЦД е 487.


Подготвил: M.A.M

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование